Дубаи одоздола

Откако изградија се што може да се изгради над земја, сега во Дубаи тргнаа да градат под вода. За почеток хотел со 21-на двокреветна соба.

Проектот ќе биде соработка меѓу 3 држави, градежната компанија Drydocks World од Дубаи, швајцарската консултантска и инженерска компанија BIG InvestConsult и полската Deep Ocean Technology.

Полјаците се одговорни за дизајнот на Water Discus Hotel, кој треба да биде обиколен со корален гребен, а секоја од собите е предвидено да има огромни прозорци. Собите ќе бидат поставени на 10 метри под површината а комплетниот долен дел од хотелот треба да ротира.

Хотелот ќе има и дел кој ќе биде над морското ниво, во кој ќе има тераса, ресторан, сауна и базен.

Архитект на хотелот е Павел Подвојевски кој почнал да го дизајнира хотелот пред 2 години. Една од главните цели му била да ги намали трошоците, што го постигна со тоа што структурата не планира да биде зацврстена за дното на океанот. Долниот дел од хотелот може да излезе на површина за поправки или евакуација. "Испливувањето" може да биде од 15 минути до 12 часови.

Целиот проект ќе чини 50 до 120 милиони долари во зависност од дизајнот (прозорците за хотелот се најскапата ставка). Изградбата ќе биде на компанијата од Дубаи, а за собирање пари се задолжени Швајцарците.

Ова не е првиот најавен подводен хотел, но може да биде прв што ќе успее. Во 2006-та, беа објавени плановите за Хидрополис, подводниот ресорт со 250 до 300 соби, кој беше проценет на 300 милиони долари. U.S. Submarine Structures го најави подводниот ресорт Посејдон во Фиџи, каде 6 ноќевања чинеа 15.000 долари од човек. А сличен хотел требаше да се гради и во Истанбул.

16 мај 2012 - 11:51