Сведоштвото на жената што се откажа од телевизија, цел месец

Едни статистики покажуваат дека Американците во просек гледаат 2,8 часа телевизија на ден, други дека бројката е некаде околу 4 часа и 15 минути. Без разлика кој е во право Стефани Воца од Фаст Компани (и сопругот) решаваат да пробаат цел месец да не гледаат телевизија (вклучително Нетфликс, или преноси во живо).

Првите неколку дена не знаат што да прават со времето, бидејќи редовната пракса им е гледање телевизија после вечера. Тоа што не знаат да прават резултира со легнување во кревет во 20:30.

"По ова, започна нова рутина. Почнавме заедно да готвиме, правевме подолги прошетки со кучињата, завршивме работи низ дома што долго време ни биле на список, и имавме одлични разговори. Во петоци и саботи кога немавме договорено со пријатели, го слушавме CBS Radio Mystery Theater на Јутјуб, радио програма што и двајцата ја сакавме како мали," пишува Воца.

Првата недела им е исполнета со желба да пуштат телевизија и со размислување што да прават со слободното време. Веќе втората и третата недела работите почнуваат "да се менуваат физички и ментално," таа посебно приметува дека била сериозно помалку под стрес.

Објаснувањето за ова го наоѓа во тоа што гледа помалку програма која има "елементи на драма и насилство."

"Телевизијата се повеќе испорачува насилни програми за да ги држи гледачите во состојба на постојан страв.

Телевизорот исто така служи и за смирување, еден вид виртуелно бегство, кое никогаш не те задоволува, и го остава гледачот да бара уште од истата празнина," објаснува професорот по филмски студии од Универзитетот Небраска, Вилер Винстон Диксон.

Друга работа што почнува да и се случува е што повеќе не чувствува како да ја брзаат некаде, и некако не мора да брза за да стигне дома да гледа некое шоу, "изгледа како да имав повеќе трпение."

До крајот на месецот без телевизија, таа го завршува купот списанија што и е до кревет и што ги нема дочитано, го чисти плакарот, го расчистува вишокот работи по дома и донира 10 торби најразлични предмети што повеќе не и требаат, го носи синот во Њујорк кога оди на конференција за писатели, и чита три книги.

Текстот го пишува на 33-от ден од експериментот, за ова време нејзиниот сопруг има запалено телевизор за навечер да го гледа голф каналот, а таа нема ни минута скршнато од експериментот.

"Најдобриот резултат од експериментот е чувството на смиреност што се појави, и брановите задоволство што излегоа од никаде. Звучи лудо, ама вистина е. Не сакам да се вратам назад. Барем не за сега," пишува Воца.

Таа за крај го цитира Ерик Брејвман, основачот и претседателот на невладината организација за истражување на здравјето на мозокот, Path Foundation NY:

"Телевизијата ги хипнотизира луѓето и ги претвора во интелектуална набљудувачи. Ја храни нивната пасивност и ги прави помалку вклучени.

Среќата доаѓа од интеракцијата меѓу инспирацијата и потењето. Сето она што го спречува човек да се испоти за да постигне нешто инспиративно дава лажна фантазија и бескрајно одвлекување на вниманието од постигнувањето на целосниот потенцијал."

15 јуни 2016 - 16:53