Саут Парк, совршениот цртан за ерата на гневот

Ако Саут Парк беше човек, тој ќе беше доволно возрасен за да гласа, иако веројатно немаше да го стори тоа. Овој бесрамен цртан е централата за анти-активистичката сатира и богохулење уште од 1997-ма, пишува Џејмс Пониевозик во текстот за Њујорк Тајмс.

"Оваа сезона, која завршува во среда, е изградена врз сатирата околу политичката коректност. Саут Парк, Колорадо, е окупиран од нов директор на основното училиште - соодветно именуван, P. C. Principal - и неговата екипа на истомисленици, преполни со енергија колеџ студенти, кои веруваат дека политичката коректност "значи дека ништо не сакаш повеќе од пиво, вежбање во теретана и чувството што го добиваш кога некоја маргинализирана заедница реторички ќе ја одбраниш од системот на нејзина репресија." Тие на микроагресија одговараат со микроагресија, малтретирајќи деца и возрасни кои, на пример, на трансродовата ѕвезда Катлин Џенер и се обраќаат со што било помалку од 'прекрасна и храбра'.

Меѓутоа оваа сезона мета беше и подемот на Доналд Трамп, феномен кој напредува по основа на презир на се' што е политички коректно, кој оваа недела го круниса ова признавајќи дека неговиот план за забрана за влез на сите муслимани во САД, 'веројатно не е политички коректен' ама не му е гајле. Еден од долгогодишните ликови, г-дин Гарисон започнува претседателска кампања базирана на ксенофобија кон Канаѓани. Канада за возврат избира претседател налик Трамп, кој дава катастрофални резултати," пишува Пониевозик, забележувајќи дека Канада има премиер, меѓутоа на Саут Парк и онака никогаш не им биле важни политичките детали, колку што им била важна комедијата која ги издишува фанатиците и го брани правото да навредиш.

Своето доживување од последната сезона го објаснува "како нашата култура да светнала Бетмен знак во форма на Картман, и Саут Парк да одговорил. Можеш да ги гледаш вестите од колеџ кампусите и да заклучиш дека Америка е порадикално левичарска од кога и да е. Можеш да ги читаш извештаите од Републиканските претседателски избори и да заклучиш дека таа е пореакционерна од кога и да е. Државата е длабоко поларизирана, и меѓу двата пола е токму она место во кое квази-либералниот Саут Парк сака да си игра."

"А со тоа што П.Ц. Принципал и неговите пријатели се бели момци, шоуто го заобиколува фактот дека 'политичка коректност' често пати е етикета која белите момци им ја наметнуваат на жените и малцинствата кои се соочиле со вистински предрасуди. Паркер и Стоун ја предвидуваат и оваа критика, кога Картман му вели на Кајл, со нетипична само-свесност: 'Ние сме двајца привилегирани бели момци кои се изнасмеаа на работи со кои никогаш не сме морале да се справуваме,'" пишува Пониевозик.

Целата последна сезона од Саут Парк, тука

9 декември 2015 - 13:38