Дебел си затоа што гледаш готвење на телевизија?

Како што никогаш нема да успееш да готвиш добро како нив, така и никогаш нема да успееш да останеш слаб како Бордејн, Лаурентис, Оливер или Рудолф, додека се обидуваш да ги зготвиш нивните рецепти.

"Нашиот заклучок е дека ако гледаш телевизија и потоа се обидеш да го направиш јадењето што си го гледал, тогаш има поголем ризик да имаш повисок БМИ," објаснуваат истражувачите од Универзитетот во Вермонт.

Меѓу луѓето кои готвеле по тв емисијата и оние кои само гледале, во просек имало разлика од плус 5 килограми во корист за првите.

Авторката на истражувањето, Лизи Поуп, повикувајќи се и на претходни студии, смета дека ова покажува дека домашното готвење нема никаква предност (за дебелеење/слабеење) во однос на храната подготвена во ресторани. Нејзиното објаснување е "путерот дома е ист како и путерот во ресторан."

Без да и ги редимe на Поуп репликите со кои сме пораснати (од типот "во еден ист зејтин 10 дена ви пржат компирот"), една од забелешките на студијата е дека не го анализира влијанието на домашно готвената храна vs. ресторанската на остатокот од семејството или кој и да е со кој готвачите/готвачките го консумираат оброкот.

На темата како останува слаба и покрај готвењето, Лаурентис во едно интервју објаснува "одговорот е, од сè јадам по малку и од ништо по многу. Сè е во умереноста."

19 март 2015 - 10:44