Италија ќе забрани намаз со урбанистички закон

Партијата на италијанската премиерка Мелони турка измени на законот за урбано планирање со кои во земјата ќе се забрани досегашната пракса за пренамена на гаражи или магацини во места за молитва.

Барањето на Фратели ди Италија е во иднина пренамената на сите нерегулирани објекти, како гаражи, да може да се случува само со дозвола од властите. Доколку биде донесени измените, кои веќе се испорачани во Парламентот, тие ќе важат и за веќе отворените верски локации кои не се во согласност со нив.

И покрај тоа што има над 1 милион муслимани жители, Италија има вкупно 8 џамии на своја територија. Франција има 2.200. Разликата е затоа што во Италија преку најразлична бирократија се спречува изградбата на нови џамии.

Во основа Италија не го признава исламот како официјална државна религија, што значително ја отежнува изградбата на нови џамии. Заради ова најголемиот дел од тамошните муслимани се молат на неформални места за молитва, кои треба да бидат решени со новите закони.

Изградбата на нови џамии ја блокираат и дел од тамошните партии кои константно тераат кампања против нив по основа на заштита на италијанското наследство.

Претходно сличен закон беше предложен на локално ниво од регионални совети главно контролирани од десницата.

26 јуни 2023 - 10:40