На шанкот црн народ

Во француски кафеа да ја вратиш чашата од која си пиел кај шанкерот се смета за фин манир. Сè додека едно кафуле не било спржено со казна од преку 10.000 евра бидејќи органите ова го процениле за непријавена "работа на црно".

10.800 евра е казната која треба да ја платат сопствениците на едно кафуле во северозападна Франција откако трудовата инспекција им поднела пријава за непријавени работници, само затоа што во овој објект муштериите имале фина навика да ги враќаат празните чаши на шанк.

Инспекторите дошле и легитимирале неколкумина гости по што генијално заклучиле дека имаат докази за пријава. Првенствено сопствениците биле однесени и во притвор но по бунтот на гостите биле пуштени и сега се очекува само да ја платат високата казна. Органите великодушно решиле да не ги гонат муштериите кои биле фатени да работат непријавени.

"Ова е комплетно надреално. Не сме направиле ништо лошо и нема шанси да платиме ваква глупост," изјави еден од газдите кој сега се жало на повисоките судски инстанци во земјата.