Џони Деп и Амбер Херд од светот на микробиологијата

Пред само неколку години важеше за генијалец и еден од најголемите живи научници кому му се предвидува Нобелова награда затоа што е на траг да открие лек за рак. Денес човекот не може да се вработи никаде во САД.

Во 2018 година, Дејвид Сабатини e светски познат молекуларен биолог. Постојан професор на МИТ, водач на клучна лабораторија во Институтот Вајтхед во која раководи со тим од 39 истражувачи, со задача да ја разоткријат мистеријата на протеин што Сабатини го открил додека сè уште бил во медицинско училиште (во Џон Хопкинс). за кој се верува дека има клучна улога во развој на тумори.

На Сабатини му се предвидуваше дека ќе ја добие Нобеловата награда, неговата лабораторија добиваше помеѓу три и четири милиони долари годишно  од инстанци како Пентагон или Медицинскиот институт Хауард Хјуз. Неговите колеги го опишувале како „генијалец“, „еден од најдобрите живи научници“ и „пилар“.

„Тоа беше како да работиш за Стив Џобс. Брутално е, ама па зошто би рабoтел за било кој друг?“ , ѝ рекол еден научник на Сузи Вајс (инаку сестра на на феноменалната екс уредничка на книжевни рецензии во Њујорк Тајмс, Бери Вајс) којa ја раскажува оваа приказна.

Сабатини влегува во „зајачката дупка“ за време на една научна конференција за рак и лизозоми во април 2018, кога се запознава со Кристин Кнаус, истражувачка која исто така доаѓа во Вајтхед институтот, но за да има своја лабораторија, за регенерација на црниот дроб.

Сабатини и Кнаус имаат секс. Тој 50, таа 29 години. Се договараат да имаат лабава врска, со гледање и со други луѓе. Подоцна таа му ги спомнувала своите, „анестезиологот факбади“, „финансискиот брат“ или „професорот по физичко “. Се договориле и да не кажуваат на работа, да не комплицираат, и онака се заедно за да им биде забавно.

Меѓутоа во август истата година, институтот усвојува нов „правилник за интерни врски“, според кој шефовите на лаборатории не смеат да имаат „консензуални или сексуални врски со колеги“ од лабораторијата. „Тоа што веднаш не отидов во кадрово да ја пријавам врската со Кристин беше критична грешка,“ сумира денес Сабатини.  

Се забавуваат и во периодот кој следи но фаќа пандемијата која физички ги разделува иако и натаму одржуваат контакти. Таа купила ново црвено Ауди, му пратила слика. Нему му умрела баба му, ѝ кажал. Пријатели.

Сè до октомври 2020 година кога ѝ привршува стипендијата во Вајтхед а таа на пријатели им праќа порака дека „ќе отпакува еден тон трауми и потисната злоупотреба“. Кога директорот на Вајхед ја прашува зошто не конкурира за нова стипендија, Кнаус за првпат изговара „бев малтретирана“.

Една своја колешка која работела во лабораторијата на Сабатини, Кнаус ладнокрвно ја советувала „да исцеди што е можно повеќе совети од својот ментор“, пред тој да биде „вајнстајнизиран“ од науката (по примерот на она што му се случи на Харви Вајнстин во Холивуд).

Институтот најмува адвокатска фирма која спроведува истрага за „родовите предрасуди“ во лабораторијата на Сабатини иако нему не му кажуваат за што е обвинет.

Година и пол подоцна, адвокатите излегуваат со извештај на 248 страни. За само 24 часа од излегувањето на извештајот, животот на несудениот Нобеловец се руши како кула од карти. Добива суспензија од Институтот и од МИТ, како и отказ од Хауард Хјуз од каде му доаѓа платата. Тој самоницијативно дава отказ во Вајтхед и МИТ, по совет на своите адвокати, за да може полесно да го добие следниот ангажман.   

Сабатини не работел со Кристин. Не ѝ бил надреден, не ѝ бил ни шеф ни супервизор, немал надлежност ниту да ја казнува ниту да ја наградува. Но во извештајот за него, се вели дека имал „индиректно влијание“ како и „искуство, позиција и возраст“ а таму стојат и вакви формулации (мора да ги цитираме пошто се неверојатни):

„Иако не најдовме ниеден доказ дека Сабатини дискриминирал или одбивал да поддржува жени во неговата лабораторија, тој повеќе ги фалел или гравитирал кон оние кои ги ценеле неговите лични карактеристики и неговиот поглед дека „науката е над сè“, што создавало дополнителни пречки за жените во таа лабораторија“. (?!)

Сабатини влегува во длабока криза, не спие, губи 17 килограми, веќе не спие дома затоа што не може да слуша како му стигнуваат писма за тоа кој сè му откажува соработка.

„Јас ја сакам науката, но имам и други интереси. Тој не е таков. За него постои само наука и ништо друго,“ вели еден негов колега.

Сузи Вајс разговарала со 9 членови на неговата лабораторија и со уште толку луѓе од областа кои ги познаваат работите. Сите ја потврдуваат верзијата дека се линчува погрешен човек. Проблем е само што никој од нив нејќе да зборува за тоа официјално (а ќе ги мислиш научници со интегритет), само за да не им биде поврзано нивното име со неговото.

„Не можеш да си искрен на таа тема а да ја сочуваш кожата,“ признава еден од таквите анонимни извори.   

Тие сведочат дека работната атмосфера во лабораторијата на Сабатини била исклучителна, дека извештајот за него е „паралелна стварност“, а неговото карактеризирање комплетно лудо.

Ама, анонимно.

По некое време, колешка и пријателка на Сабатини му понудила ангажман на Њујоршката школа на медицина, исто престижна установа. Но приказната дошла до медиуми па „разбудените и прогресивните“ во таа школа итно почнале со протести и закани за бојкот ако Сабатини биде примен. По некое време, откако го разгледале „широкиот спектар реакции од заедницата,“ управата на њујоршкиот универзитет решила да се откаже од идејата да го ангажираат кај нив. 

И тоа е отприлика тоа. Ај она со Џони Деп и Амбер Херд ќе заврши со некои пари. Во овој случај, поинтересни се прашањата кои никој не ги поставува:

Каде еден научник од калиброт на Сабатини да ги продолжи своите истражувања ако не може да се вработи никаде во земјата? Што да прави човек кој може да ни помогне да најдеме лек за ракот?

Дејвид Сабатини во моментов ги разгледува работните понуди од Русија, Кина и Обединетите Арапски Емирати.

26 мај 2022 - 16:22