Почина Vanity на Принц

Венити беше една од оние девојки кои под својот чадор привремено ги собираше Принц. Како млада беше фанки и секси, подоцна се каеше заради дивата младост. Почина откако не успеа да собере доволно пари за лекување.

По откажувањето на работата на бубрезите и други компликации, на 57 годишна возраст почина Денисе Кетрин Метјуз, попозната како Венити. Ја водеше женската група Vanity 6 и блиску соработуваше со Принц.

Пред 4 месеци побара донации за да може да ги покрие медицинските трошоци за нејзините проблеми со тенкото црево. Се надеваше на 50.000 долари, собра нешто помалку од 7.000.

Фанки и секси, Венити беше репрезентативен примерок на пејачка од 80-тите. Со Принц се имаат сретнато позади сцената на Американските музички награди во 1980-та година по што започнуваат и романтична и креативна врска. Принц ја наговарал наместо Венити да го користи името Вагина ("Така цел свет ќе те знае"), но нејќела.

Се разделуваат после четири години.

"Mене ми беше потребна една личност да ме сака, нему му требаа повеќе," своевремено објасни Венити.

По ова, се пушта по вообичаениот шоубиз ролекостер: кратки и интензивни врски со познати фаци (Адам Ент, Бил Ајдол, Ники Сикс од Мотли Кру), двапати се слика за Плејбој, алкохол, крек, завршува кај Џоан Риверс со исповед дека била опседната со демони а еднаш левитирала над креветот.

"Не ја слушам мојата стара музика. Сега му пејам на Исус, само тоа ми дава чиста љубов и радост. Жал ми е за сите оние кои милион пати сум ги повредила во животот", рече Венити лани во интервју за Ролинг Стоун.

16 февруари 2016 - 10:34