Ништо од тужбата од бебето на Нирвана

Спенсер Елден кој како голо бебе се појавува на обвивката на „Неврмајнд“ албумот на Нирвана, го тужеше бендот тврдејќи дека бил жртва на сексуална експлоатација на деца.

Тужбата на Елден заради незапазување на процедура е отфрлена од судот во Калифорнија, а неговите адвокати сега имаат рок до 13 јануари за повторно да ја поднесат.

Освен жртва на експлоатација, Елден тврди дека обвивката исто така е слика со сексуална злоупотреба на дете.

„Обвинетите свесно продуцирале, поседувале и рекламирале комерцијална детска порнографија во која е претставен Спенсер,“ се наведува во тужбата.

Елден тврди дека тоа што го имало на обвивката му предизвикало „екстремен и перманентен емоционален стрес кој физички се манифестирал,“ плус губење на образованието, плати и „уживање во животот“.

Адвокатите што го преставуваат бендот, пак тврдат дека Елден „минал три децении профитирајќи од својата слава како самонареченото ’бебе на Нирвана’“, дека ја репризирал сликата за 15 и 20 годишнината на албумот, и го истетовирал името на албумот на своите гради.

Тие дополнително тврдат дека рокот за оваа жалба истекол пред повеќе од една деценија.

4 јануари 2022 - 12:01