Младите ја открија Кејт Буш

Кога првпат беше објавена, песната „Running Up the Hill“ на Кејт Буш добутка до третото место на топ листите. Речиси 40 години подоцна, песната руши рекорди на истите тие топ листи и тоа по повеќе основи. 'Stranger things' се дешаваат. 

Песната е број еден на британската топ листа, точно 37 години откако е објавена, успех кој се должи единствено на фактот дека нумерата се најде во четвртата сезона на убер популарната тинејџ серија "Stranger Things", станувајќи им позната на сосема нова генерација луѓе.

Со овој број 1, Кејт Буш сруши три рекорди на британските листи: таа е најстарата жена која стигнала на врвот а 37 години е најдолгиот период после кој една песна стигнала на местото број еден: тој рекорд досега го држеа Wham!, чија „Last Christmas“ конечно бидна прва во јануари 2021 година.

Буш го има и најголемиот јаз меѓу нечии два сингла кои стигнале на број 1: цели 44 години по нејзиното деби Wuthering Heights. Овој рекорд досега го држеше Том Џонс со неговата пауза од 42 години. А актуелниот хит на Кејт Буш, „Running Up That Hill“ достигна само до трето место кога песната беше нова.

„Нестварно е да се сфати брзината со која работите се случуваат,“ вели денес 63 годишната пејачка чиј неочекуван успех на многумина им буди надежи дека и некои други подзаборавени класици ќе имаат втора слушателска младост доколку се погодат работите.  

Успехот на топ листите е придружен и со растурање на стриминг платформите. Само на Спотифај во Британија песната се слуша 570.000 пати дневно а глобално се пушта 6 милиони пати на ден. 

20 јуни 2022 - 08:13