Одело стејт оф мајнд

По ново не е дека облеката го прави човекот, туку облеката прави човекот поинаку да го перципира светот.

"Носењето формална облека прави да се чувствуваме моќни, и ова го менува начинот на кој го гледаме светот," објаснува во својата студија професорот по психологија од Калифорнија Стејт Универзитетот, Абрахам Рутчик.

Заклучоците се дека генерално носењето поформална облека од вообичаеното прави луѓето да размислуваат пошироко и сеопфатно. Во психолошка терминологија носењето одело ги поттикнува луѓето повеќе да користат апстрактно обработување на податоците отколку конкретно обработување. И ова важи без разлика дали секој ден носиш одело или само на свадби.

На разликата меѓу овие два стилови на обработување на информациите се сведува и објаснувањето зошто луѓето што се константно пицнати во формална облека имаат поголема самодоверба без разлика колку истата е без покритие (пример политичари, менаџери од средно ниво и сл.).

Колегата на Рутчик, професорот по менаџмент од Бизнис школата на Колумбија, Мајкл Слепејн, објаснува дека во работна околина "доколку добиеш негативна критика за твојата работа, и ако тоа го обработуваш со конкретен стил, наместо апстрактен, тогаш е и поверојатно тоа негативно да влијае на твојата самодоверба."

1 мај 2015 - 10:14