Со шеги да не фрлате

Ова се двајцата американски радио водители кои првоаприлската шега ја платија со своите работни места. Само затоа што на многу луѓе им е полесно да паничат отколку да вклучат мозок.

Вал Сент Џон и Скот Фиш до пред некој ден беа водители на едно мало, кантри радио во Флорида. Сè додека не решаваат да се пошегуваат во утринската програма за први април.

На слушателите им соопштуваат дека низ цевките на централниот водовод тече "дихидроген моноксид"!

Што е точно бидејќи дихидроген моноксид е - вода.

Набргу биваат симнати од програма но доцна - паниката веќе е создадена и луѓето избезумено баарат виновници за ваквото молекуларно чудовиште што им доаѓа од чешмите. На крај со соопштенија мора да се огласат и општинските власти и надлежните во водоводот за да го смират револтот на граѓаните.

Двајцата остануваат без работа иако не рекле ништо неточно. На анкетното прашање на еден локален вебсајт "Дали двајцата водители треба да бидат вратени на програма?", 78 проценти од анкетираните одговориле со: Никогаш!

 

4 април 2013 - 12:59