Фокс њуз се пушти по Такер

Беа доволни само 115 милиони прегледи на првата епизода од шоуто на Карлсон на Твитер и тотално бришење патос со рејтинзите на која било програма на Фокс њуз, за на телевизиската мрежа да и се отворат чакрите за тужење и судски рочишта по основа дека Такер го прекршил договорот со нив.

Фокс њуз ги извести адвокатите на Карлсон дека неговото шоу на Твитер е вон договорот што го има со мрежата за разделување и дека телевизијата „ќе почне да разгледува правни мерки против Карлсон.“

Адвокатите на водителот пак тврдат дека каква било правна постапка од Фокс ќе биде прекршување на уставните права на Карлсон (од Првиот амандман на американскиот Устав) за слобода на изразување.

„Фокс своето постоење го брани по основа на слобода на говор. Сега сакаат да му ги одземат правата на Такер Карлсон слободно да зборува затоа што користел социјална мрежа за да ги сподели своите мисли околу актуелни настани,“ објасниле адвокатите на отпуштениот водител.

Додека договорот што Карлсон го има со Фокс експлицитно нагласува дека тој нема да може своите услуги да ги дава во каква било форма и облик на други освен на Фокс, ставот на адвокатите на Карлсон е дека тој нема за што да одговара бидејќи Твитер не е директен конкурент на Фокс њуз.

Наводно намерата на Фокс е да го држи Карлсон „офлајн“ некаде до 2025.

13 јуни 2023 - 10:36