Што вика Иван исцелителот, ќе дојдеме ли и ние на ред?

Еден самоопрогласен пророк од Уганда им понуди зрак надеж на делот суеверни и лекомислени негови сограѓани. Им кажа дека Господ го има земено кај него на неколку часа и тогаш му има ветено дека планира сите луѓе од Уганда да ги пресели на некое посреќно место. Ако е така, нефер е први да бираат.

Се вика Вилијам Сози и дава цврсти гаранции дека Господ има планови сите Угандијци топтан да ги пребаци во некоја посреќна околина. Така му било кажано од Исус, откако на неколку часа бил позајмен во Рајот за да му се образложи „предлогот“ за кој не знаеме дали е конечен.

Во рајот пристигнал сосе колата со која се возел а таму бил пречекан од својот покоен татко, своевремено свештеник. 

Татко му го однел до кај Исус кој му командал да клекне по што му ставил нешто во мозокот за да го миропомаза.

„Памтам дека сосе кола бевме земени и одведени до Рајот. Тато ме однесе до Исус, тој ми ја отвори главата и ми рече дека ми ставил пророчки мозок“, раскажува Сози.

Сози горе се задржал вкупно 4 часа, од три до седум саат попладне.

За сторијава прописно да ги има застапено двете страни, за да не паднеме под удар на правдољубивата секира на Советот за медиумска етика, да спомнеме дека има луѓе кои не му веруваат на Сози.

Од другите негови ексклузивитети како божји човек, би го издвоиле оној дека Господ веќе ја има победено Сатаната и дека поразениот  моментално се наоѓа во кома.

Инаку, ова не е прв престој на Сози на небото. Бил повеќепати таму и како доказ за тоа има многу фотографии, само што, вели, глупо му е да ги покажува.

4 јули 2022 - 14:21