Во Кина „Боречки клуб“ доби многу поинаков крај

По 20 и кусур години филмот доби нова верзија и е наменета за кинеска публика, која излезе дека досега ја гледала погрешната, западна, верзија.

Филмот кој од неодмна е достапен за стриминг на платформата Тенсент Видео, е премонтиран за да се смени анархистичкиот крај и порака.

Во оригиналот ликот на Едвард Нортон го убива своето алтер его Тајлер Дурден, играно од Бред Пит, и потоа гледа како повеќе згради експлодираат, што наведува на тоа дека е во тек планот на главниот лик да ја сруши модерната цивилизација.

Во апдејтот за кинески пазар, Нортон и понатаму го убива ликот на Пит, меѓутоа сцената со експлозиите на зградите е заменета со црн екран и порака:

„Полицијата брзо дозна за целиот план и ги уапси сите криминалци, успешно спречувајќи ја бомбата да експлодира,“.

За сега не е познато дали владините цензори го наредиле алтернативниот крај или самите продуценти на филмот ја направиле промената. Од Тенсент за сега ништо не коментираат.

Холивудските студија често пати, послушно, без да бидат опоменати објавуваат алтернативни „чисти“ верзии за нивните филмови да добијат дозвола за прикажување во Кина и пристап до милионската кинеска кино-публика.

25 јануари 2022 - 09:15