Приказната за Шели Дувал

Вистинскиот хорор во филмот "The Shining"

Стивен Кинг по чија книга е снимен филмот, за главната женска ролја замислувал блондинка - мажоретка. По плавото бил и Џек Николсон кој ја предлагал Џесика Ланг. Но, Стенли Кјубрик мислел поинаку и улогата на Венди ѝ ја дава на Шели Дувал. И тука започнува нејзиниот хорор.

Филмот Сјаење денес е каријатида на жанрот хорор, но не било секогаш баш така. Своевремено е предложен и за две 'Златни малини', Шели Дувал за најлоша женска улога и Стенли Кјубрик за најлош режисер. Не добиваат.

Еден од ретките кој никогаш не го смени лошото мислење за филмот е Стивен Кинг по чија новела е работено сценариото. Тој подоцна сними и своја мини серија за да покаже како треба да изгледа тој текст. За улогата на Дувал, Кинг има кажано:

"Таа практично е таму само за да вреска и да биде глупава. Тоа не е жената за која пишував"

Иако тој инсистирал на неа, Кјубрик ќе се покаже како главниот мачител на Дувал. На снимањето ја држел изолирана, бришел нејзини реплики а прочуената сцена со безбол палката ја терал да ја повтори дури 127 пати (со што таа сцена е влезена во Гинисовата книга на рекорди за најповторувана сцена при снимање филм). Тресењето на Дувал и нејзините потечени и црвени очи се резултат на вистинско плачење.

Кјубрик ја малтретирал систематски, велејќи ѝ дека му го губи времето, дека не заслужува да биде тука, а на другите од екипата изрично им забранувал да ја тешат или да ја пофалат. И тоа во филм кој се снимал 500 работни дена а Шели Дувал плачела и по 12 саати дневно.

Веројатно најпознатата "сцена со вратата" била снимана цели три дена и биле искршени 60 врати. Дувал била оставена сама во просторијата да вреска, практично не знаејќи што ја чека во сцената (која била главно импровизација, вклучувајќи го и легендарното 'Here's Johnny' на Николсон).

Се вели дека она нејзино "Немој Џек" во сцената, Шели Дувал очајно му го вика на Џек актерот, а не на Џек ликот.

Николсон подоцна во едно интервју за магазинот Емпајер признава дека "Шели Дувал го имала најтешкиот актерски ангажман кој еден глумец го има преживеано".

И не е чудно што после Сјаење, на Дувал ѝ се одмилува и глумата и филмот. Снима сè поретко и на крај почнува да живее комплетно повлечено во една тексашка вукојебина а комшиите велат дека "често бесцелно талка по градот изгледајќи несредено, чудно и комплетно лудо".

Така што кога следниот пат ќе паднете на муабет за екстремните актерски техники на Кристијан Бејл или Хит Леџер, кочете малку.

28 јули 2016 - 22:57