Како на Лудиот Макс му успеа да добие номинација за Оскар

Од летни акциони блокбастери не се очекува да добијат една, а не па десет номинации за Оскар, уште помалку меѓу нив да има и по една за Најдобар филм и за режисер.

Режисер на филмот е Џорџ Милер, истиот што ги режираше и оригиналите со Мел Гибсон, а на место на Гибсон дојде Том Харди кој успеа комплетно да расчисти со каква било споредба со својот претходник.

"Благодарејќи на решителната главна протагонистка (играна од Шарлиз Терон) во комбинација со Макс, и ненормалната постојана потера низ пустината, и неверојатниот звук и визуелни ефекти, филмот успеа да освои следбеници кои станаа посветени на одржување на неговата актуелност дури и многу месеци по неговата премиера за време на сезоната на награди.

Победата во категоријата најдобар филм на наградите на National Board of Review во декември почна да го врти тркалото кое доведе до номинација за ОСКАР, откако следуваа номинации на БАФТА, САГ и Златните глобуси," пишува Џејсон Гуерасио во Бизнис Инсајдер.

Тоа дека не се работи за некое свртување на Академијата кон блокбастерите или нејзино потклекнување под притисокот од се поголемите и поскапи акциони филмови, се гледа и од фактот дека Лудиот Макс ги добива номинациите во година кога во исто лето со него излегуваат блокбастери како Светот Јура, Бесните 7 и Ерата на Ултрон, кои заработуваат далеку повеќе пари од него.

15 јануари 2016 - 10:47