Слушалки со селективен избацивач на врата

Идните слушалки кои ќе ја имаат опцијата за поништување на околниот шум, ќе нудат корисникот да одбере кои звуци слушалката сепак да ги пропушти. На пример, додека слушате музика дома, да ги исклучите сите звуци и шумови од околината, освен оној на другарите кои под балкон ве викаат за на пиво.

Технологијата што го овозможува тоа се нарекува семантички слух и го отвора патот за попаметни слушалки и слушни помагала, дозволувајќи му на сопственикот да филтрира некои звуци а други да засилува. Системот, кој сè уште е во фаза на прототип, го развиваат истражувачи од Универзитетот во Вашингтон.

Тие собрале илјадници аудио примероци и звуци собрани од различни бучни средини а потоа го научиле системот да препознава 20 секојдневни звуци, како што се бура со грмотевици, пуштање казанче, кршење стакло и друго.

Потоа го тестирале со девет луѓе кои талкале по канцеларии, паркови и улици. Истражувачите откриле дека нивниот систем добро функционирал при пригушување и засилување на звуците, дури и во ситуации за кои не бил обучен.

Единствен голем проблем засега му е да разликува нечиј надворешен говор ако се слуша рап музика.

Амбициите одат дотаму што сакаат во полна просторија каде има журка, човек да може на своите слушалки да реши чиј глас од сите присутни сепак сака да го чуе.  

9 ноември 2023 - 14:38