Епл сака да ги скенира сите слики што ги имате на Ајфон во име на борба против педофилија

Планот е скенирање на колекциите слики на Ајфоните во САД во кои ќе се бараат веќе познати педофилски слики. Иако сето ова се тера во име на крајно благородна кауза, стравот е дека истата технологија би можела да биде и злоупотребена.

Алатката се вика Неуралмеч, ги скенира сликите пред тие да бидат аплоудирани на Ајклауд и ги споредува со датабаза од педофилски фотографии. Доколку се најде фотка која ќе биде доволно идентична со нешто што го има во базата, тогаш вработени на Епл лично ќе ја прегледаат сликата. Ако се утврди дека станува збор за сексуална злоупотреба на дете, ќе се блокира Епл сметката на корисникот и ќе биде известен Националниот центар за исчезнати и експлоатирани деца (НЦМЕЦ).

Не, Епл ја нема најголеата колекција на педофилски содржини на светот, туку фотографиите со кои Епл ги споредува сликите се од базата на НЦМЕЦ, заради што фотографии што родители ги прават од своите деца, на плажа или како се бањаат во када, нема да бидат обележувани.

Алатката не ги „гледа“ сликите туку го споредува „математичкиот отпечаток“ што ги претставува нив, и стравот е дека истата оваа технологија ќе може да биде искористена во други цели.

Потенцијално на невин човек би можела да му биде испратена сосема наивна слика која е направена да оддава математички отпечаток што ќе го активира алармот за педофилија.

Или пак истата технологија да биде употребена од влади за надзор на дисиденти и демонстранти.

„Што ќе се случи кога кинеската влада ќе каже: еве ви листа на фајлови што сакаме да ги проверувате.

Дали Епл ќе каже не? Се надевам дека ќе кажат не, меѓутоа нивната технологија нема да каже не,“ објаснува криптографот од Џонс Хопкинс Универзитетот, Метју Грин.

6 август 2021 - 11:52