Епл автомобил до 2025 година

Епл автомобил е една од најистрајните шпекулации на тема Епл, во која компанијата прилично ужива и повремено знае да ја искористи за кревање на своите акции. Како и да е, повторно сме на тој муабет.

Иако нема никаква експертиза во правење возила, Епл има големи планови за револуционизирање на индустријата, и тоа главно преку автономен електричен автомобил. Иако веќе има и електрични и автономни возила, ветувањето е дека Епл и двете технологии ќе ги донесе до совршенство.

Новообјавените шпекулации, овој пат од Блумберг, се дека компанијата решила да работи на возило без волан и без папучи за гас, кочница и куплунг.

Единствено пофантастично ветување од ова, дури и според инженерите на Епл, е дека првата генерација на своите возила ќе ја лансира во 2025.

Наводно тимот на Епл разгледува две сценарија: првото е возило кое има автономни способности за маневрирање и забрзување. Второто е целосно автономно возило кое не бара никаква човечка интервенција.

Од целиот автомобил Епл за сега знае како ќе го направи чипот што треба да биде мозокот на новиот автомобил. Чипот ќе биде тестиран заедно со нови сензори на цела флота Лексус џипови кои веќе ги користат за овие експерименти. Наводно процесорот е понапреден од сè што Епл има направено до сега.

„Епл чипот е најнапредната компонента што Епл ја има развиено и составен е примарно од неврален процесор кој може да ја задоволи вештачката интелигенција потребна за автономно возење. Капацитетите на чипот значат дека тој ќе се прегрева и дека ќе биде неопходно создавање на софистициран систем за ладење,“ пишува Блумберг.

Според инженерите вклучени во проектот, Епл сака да има повеќе безбедносни системи во возилото од Тесла и Вејмо, заради што ќе бидат вградени и голем број заштитни функционалности.

За разлика од Тесла, Епл планира производството на возилото да го договори да биде партнерство со традиционалните производители на возила, со кои веќе има разговарано. Во дел од преговорите, главен фаворит бил Хјундаи-Киа.

22 ноември 2021 - 16:21