Дојде Ајфон 5

На конференцијата во Сан Франциско, Епл го престави новиот и досега најбрз модел на Ајфон. Официјалното име му е Ајфон 5, и на изглед е речиси ист со претходникот, освен што е малку повисок. Цената (во САД) е иста како и за Ајфон 4S - $199 за 16GB, $299 за 32GB, $399 за 64GB (со 2-годишен договор). 21-ви септември ќе биде достапен во продавница.


Направен исклучиво од стакло и алуминиум, а дебелина му е 7,6 милиметри и тежи 112 грама. Дисплејот е 4 инчи со резолуција 1136 х 640 (иста ширина како 4S само повисок) и ретина дисплеј од 326 ppi. Ова е првото зголемување на екранот во постењето на Ајфон. До сега тврдеа дека постојната димензија е оптимумот за телефон. Зголемувањето во висина, а не во ширина, е за Ајфонот да не пречи при држење во рака.

Екранот има 44% подобра заситеност на бојата, а самиот "тач" е интегриран во дисплејот, заради што е и потенок од претходниците.

Што се однесува до конективноста, Ајфон 5 поддржува: HSPA+ од 21Mbps, DC-HSDPA од 42Mbps и LTE чиј максимум е 100 Mbps. Има и ВиФи a/b/g/n.

5-та има и нов чип А6, кој има 2 пати побрз процесор и 2 пати побрза графичка во споредба со А5 чипот од претходниот Ајфон.

Траењето на батеријата (со појакиот процесор и подобриот екран) е 10 часа видео плејбек, 40 часа музика или 225 часа на стендбај.

Има камера од 8-мегапиксели со 3264x2448 резолуција. Оваа верзија по дифолт ќе може да прави и панорама фотки. Снима видео во full HD резолуција од 1080p. Подобрена е и предната камера, која сега снима со резолуција од 720p.

Аудио системот е составен од три микрофони, сместени горе, долу и на задната страна на телефонот.

Новиот Ајфон, за прв пат го замени 9 години стариот конектор кој на времето го превзема од Ајпод. Новиот конектор ќе биде 80% помал од неговиот претходник, а веќе имаат изработено адаптер за користење на стариот конектор. И покрај сличниот изглед, влезот нема да биде компатибилен со микро УСБ.


Ајфон 5 од старт ќе работи на новиот оперативен систем на Епл iOS 6. Освен редовните брзина и стабилност, iOS 6 има подобрена контрола на апликации (ги отвораш со зборување), подобар меил клиент, сосема нова апликација за мапи која не се базира на Гугл Мапс, постирање на Фејсбук со зборување, користење на Фејстајм преку мобилен интернет (не само преку ВиФи) и др. iOS 6 го добиваат и Ајфон 4Ѕ, Ајфон 4, 3ГС,  новиот Ајпад, Ајпад 2 и Ајпод тач.


Ајфон 5 доаѓа во редовните 2 бои - црна и бела, а се потврдија и шпекулациите дека тој ќе биде првиот Ајфон чиј заден дел ќе има две нијанси на бои.

Пред-нарачките почнуваат во петок (14-ти септември), а на 21-ви септември започнува испораката во САД, Канада, Британија, Германија, Франција, Австралија, Јапонија, Хонг Конг и Сингапур. Следниот месец ќе биде достапен во уште 20 други држави.

На конференцијата беа промовирани и новиот Ајтјунс и новиот Ајпод. Новиот Ајтјунс освен редизајн ќе биде поедноставен за користење и треба да се појави некаде кон крајот на октомври. Претставена е и 7-та генерација на Ајпод нано која ќе има екран на допир и е дебела вкупно 5,4 милиметри (38% помалку од сегашната верзија). Ќе има ФМ тјунер (радио) и можност за снимање + блутут (за безжичен стриминг) + вграден педометар за фитнес. Батеријата ќе му трае 30 часа (за музика). Цена - 149$ за моделот од 16 гига.

Ајпод Тач, тежи само 88 грама и е дебел 6,1 милиметар. Го има истиот дисплеј како и Ајфон 5, и А5 чипот од Ајфон 4S. Ова е првиот модел на Ајпод Тач со дуал-кор. Батеријата му држи 40 часа за музика, 8 часа за видео. Плус има и камера од 5 мегапиксели која може да снима видео во резолуција од 1080p и предна камера со капацитет од 720p, која поддржува Фејстајм. Цена - 299$ за моделот од 32 гига.


Има и нови слушалици, Ear Pods, на чија изработка Епл има потрошено 3 години.

Прв на сцената се појави ЦЕО-то на Епл, Тим Кук, кој ја почна презентацијата со преставување на новата продавница на Епл во Барселона. Инаку имаат 380 продавници во 12 држави, во кои од април до јуни годинава влегле вкупно 83 милиони луѓе.

Потоа продолжи за Ајпад, од кој само во последниот квартал Епл има продадено 17 милиони примероци (од вкупно 84 милиони до сега продадени). 91% од целиот веб сообраќај од таблет компјутери, доаѓа од Ајпад.

App store во моментот брои 700.000 апликации, а 90% од нив се даунлодираат секој месец. Просечниот корисник има над 100 апликации.

12 септември 2012 - 19:11