Човекот кој два пати го посрамоти Епл

Вработениот на Епл одговорен за тестирање на апдејтот на иОС 8, по кој добар дел од Ајфоните останаа неупотребливи, е истиот човек кој беше надлежен за откривање на пропустите на Епл Мапс пред премиерата во 2012-та.

Се работи за Џош Вилијамс, менаџер од средно ниво задолжен за надзор на квалитетот на иОС групата на Епл. Во 2012-та, Вилијамс е отстранет од тимот на Епл Мапс, ама останува во проектот за иОС.

Откако повеќе корисници пријавија проблеми со иОС 8, Епл во средата објави апдејт кој ги средува овие багови. По инсталирање на апдејтот (8.0.1) многу корисници на Ајфон 6 и 6 Плус, пријавиле дека не можат да вртат на телефон, ниту да користат интернет, плус не работел сензорот за идентификација преку отпечаток. (По ова Епл итно објави нов апдејт 8.0.2 кој ги среди проблемите.)

Во одбрана на Вилијамс, Блумберг објаснува дека ниту една голема софтверска грешка во Епл не е нечија лична одговорност "Вилијамс работи со други задолжени за откривање грешки пред пуштање на софтверот. Епл има борд кој ги утврдува грешките што треба да бидат поправени. Овој борд го надгледува Ким Ворат, потпретседателката на Епл задолжена за менаџмент на иОС и Мекинтош софтвер. Таа му одговара на Крег Федериџи, сениор потпретседателот на Епл за софтверски инженеринг."

Пуштањето на Епл Мапс во 2012-та беше толку лошо што Тим Кук во едно неодамнешно интервју признава:

"Зафркнавме работа. Во тоа имаше многу пропусти. Не е само еден. Многу се. И научивме, ги поправивме и продолжуваме да инвестираме во мапите, бидејќи останува нашата одлучност дека мапите се клучни за Епл. Ама навистина зафркнавме работа со тоа. Не требаше така да се случи. Не требаше да ги пуштиме."

26 септември 2014 - 16:22