Зошто Катар негува блиски односи со талибанците?

Пред неколку дена американскиот претседател по телефон му се заблагодари на емирот на Катар, Тамим бин Хамад ал Тани, за беспоштедната поддршка што ја даде за време на евакуацијата од Авганистан. И ова не е прв пат други држави да се заблагодаруваат на Катар за помош околу талибанците.

Бајден се заблагодари и за преговорите меѓу авганистанските власти и талибанците, и покрај тоа што тие не успеаа бидејќи вториве ја освоија земјата. Претходно во Катар беше постигнат и мировниот договор и повлекувањето на САД, по кој повеќе од година и пол немаше ниту една американска жртва во Авганистан.

Наспроти ова, Германија го критикуваше Катар затоа што мулата Барадар со авион на катарската воена авијација беше префрлен од Доха во Кабул по талибанското освојување на земјата.

Катар уште во 2013 дозволува талибанците да отворат канцеларија во Доха, со одобрение од администрацијата на Обама. Во тоа време САД бараат неутрална локација за преговарање со исламистите како би се подготвиле за повлекување од Авганистан.

Процените на експертите се дека уште тогаш е јасно дека во Авганистан нема да може да се постигне чиста воена победа, па ќе биде неопходно талибанците во некоја форма да бидат дел од политичкото решение.

Барадар, кој еден од основачите на талибанското движење, речиси од своето ослободување од затвор во Пакистан во 2018 е преселен во Доха. Тој е и главен преговарач за талибанците во мировните преговори со САД.

Иако светот има корист од позицијата на Катар, земјата е обвинета и дека со односот со талибанците спонзорира тероризам.

„Дел од аргументите се дека дипломатскиот ангажман со преговорите им даде на талибанците одредено ниво на легитимност, кое инаку немаше да го имаат,“ објаснува експертката за држави од Персискиот залив од Меѓународната кризна група, Елам Факро.

За Гвидо Штанјберг од Германскиот институт за меѓународни работи и безбедност „Катар не покажува страв од контактирање со неколку проблематични актери од регионот“. Освен талибанците, тука се вклучени и добрите односи на Катар со Иран и со Муслиманското братство.

Штанјберг објаснува дека во 1970-те и 80-те, Катар е толку зависен од Саудиска Арабија „што речиси е саудиски протекторат“, па затоа последниве 2 децении тој се труди да се наметне себе како медијатор во регионалната политика и да ја подобри својата регионална позиција.

Односите меѓу Катар и талибанците имаат свои проблеми. Катар не дозволи талибанците да истакнат свое знаме пред седиштето во Доха, ниту пак официјално го има признаено „Исламскиот емират“ што талибанците го прогласија во 1996, а малку е веројатно дека и овој пат ќе го направат тоа, посебно ако САД се спротивстави.

За аналитичарите иако Катар официјално е вахабистичка држава, таа нема интерес од талибанското владеење на Авганистан со сила. Интересот на Катар е да се појави како медијатор за интересите на Западот во регионот, и потенцијално на Кина и Русија.

31 август 2021 - 13:56