Зошто блискоисточните лидери разговараат со Путин, а не со Обама

Гледано во чисти бројки САД имаат 35.000 војници и стотици авиони на Блискиот Исток, Русите имаат околу 2.000 војници и можеби 50 авиони. Гледано од позиција на политички лидер на Блискиот Исток, Русија е далеку поподготвена да употреби сила.

Пред две недели Нетанјаху беше во Москва, втор пат од есеноска, саудискиот крал Салман исто така наскоро планира посета, а на визита кај Путин беше египетскиот претседател и останатите блискоисточни лидери.

"Зошто ова се случува? Затоа што перцепцијата е поважна од чистата сила: Русите ги сметаат за поподготвени да употребат сила за да влијаат на балансот на моќ во регионот, а нас не," пишува Денис Рос во текстот за Политико.

Интервенцијата на Путин во Сирија се покажа како стратешки совршена одлука со која во еден потег тој успева да го оттргне вниманието од случувањата во Украина, додека во исто време излегува од меѓународна изолација која следуваше по анексијата на Крим.

Се почестиот аџилак во Москва, се должи и на тоа што Путин има комплетно поразличен поглед на светот од Обама. Додека американскиот претседател верува во употреба на сила само кога постои закана за САД, Путин ја гледа употребата на сила како алатка за постигнување на политички цели, и тоа како стандард, а не исклучок.

Наспроти ставот на Обама, дека Русија само ќе заглави во Сирија, состојбата на терен покажува дека Русите моментално се во посилна позиција и тоа без некаква позначителна загуба за нив. Политико објаснува дека клучно е што лидерите од регионот им признаа на Русите дека успеаа да ја свртат војната во корист на својот сојузник, па по основа на оваа лекција тие почнаа да се вртат кон Русија за да ги заштитат своите интереси.

Во анализата тие објаснуваат дека ова не значи дека Обама направил грешка или дека заради ова САД ја изгубиле својата моќ. Ниту пак дека некој ја гледа Русија како столб на стабилност на Блискиот Исток. Според нив Русија го добива просторот што се отвори откако САД одлучија дел од одговорностите за стабилност во регионот да ги префрли од себе врз тамошните влади, и да се повлече од мешањето во нивните меѓусебни проблеми, додека истовремено ги притиска да преземат поголема улога во борбата против ИСИС.

"Сепак неодамнешната посета на Обама на Саудиска Арабија не ја промени перцепцијата за американската повлеченост и нерешителност да влијае на балансот на моќта во регионот. Арапските држави повеќе се плашат од растечката моќ на Иран отколку што се плашат од ИСИС - и тие се убедени дека американската администрација е подготвена да се помири со походот на Иран кон регионална хегемонија," пишува Рос.

11 мај 2016 - 11:21