Војна на дронови

Белата куќа е згрозена од новата тактика на Русија со евтини дронови да ја деградира инфраструктурата на Украина и нејзините енергетски капацитети. Се чинат изненадени од ова сценарио, иако на сите им е јасно дека тој филм одамна имаше премиери во Белград и Ирак. 

Американците соопштија дека Техеран пратиле советници на Крим, за да ги обучат руските воени техничари како да го користат иранското оружје. Портпаролот на Советот за национална безбедност, Џон Кирби, тврди и дека ирански воени експерти се „директно ангажирани на терен“ како поддршка за руските напади со дронови на клучни инфраструктурни објекти во Украина. 

Не дека тоа не е точно, но главната поента е друга: дека Запад за првпат се соочува со нов тип војување, за чиј развој беа потребни децении, a кој веќе го има порементено балансот на Блискиот исток. Едноставно, САД и нивните сојузници го загубија досегашниот монопол врз прецизните воени проектили.

На САД во 1991-ва година, не им требаше долго време за да унишат 70% од енергетската инфраструктура на Ирак - трафостаници, мрежи за дистрибуција на електрична енергија, нафтени рафинерии и складишта - само со проектили и „паметни“ бомби. Во тоа време, единствено Американците имаа капацитет така брзо да онеспособат цела држава, разорувајќи ѝ ја енергетската инфраструктура. Дури и во Ирак, еден од најголемите производители на нафта, може да дојде до нивен недостаток на клучната суровина па во земјата се продаваше нафта во шишиња.

Години наназад, само САД поседуваа значаен број прецизни оружја на далечинско управување, способни да направат зулум на објекти на голема раздалеченост. Но, во меѓувреме други им се приближија, на пример Турција и Иран кои се претворија во “дроновски суперсили“.

Особено Иран.

Добар пример за ранливоста на инфраструктурата и економските последици од нападите со дронови е оној од септември 2019, кога за само една ноќ, дронови и проектили - скоро извесно лансирани од страна на Иранците, иако тие демантираат - погодија два нафтени центри во Саудиска Арабија. Извозот на Саудијците беше преполовен а цената на нафтата на берзите вртоглаво порасна. Не само што сторената штета беше огромна, а поправката скапа, туку сиот овој зулум беше направен со бадијала дронови кои чинат 10 до 15.000 долари парче.

Истата стратегија ја гледаме во Украина денес, каде Русија удира на украинскиот електроенергетски систем, исфрлајќи од погон 30% од нивните производствени капацитети за само неколку дена. Недостатокот на струја станува секојдневие во украинските градови, а тоа влијае и на водоводните и канализациските системи. Колку и Украина да добие дополнителна против-воздушна опрема, веројатно не ќе може да се справи со роевите дронови и проектили. Инфраструктурните мети како електраните, рафинериите и водоводите се големи, статични, тешки за криење и лесни за оштетување. 

Русите почнаа систематски да ја деградираат украинската инфраструктура со ефтини дронови но Путин би требало да е свесен дека и Украина може да возврати со иста мера.

25 октомври 2022 - 17:02