Сноуден работел за Русија?

Обвинувањето е од првите луѓе на германското надворешно и домашно разузнавање, според кои свиркачот за време на извршувањето на своето дело бил под влијание на руската влада.

Нешто налик рускиот аргумент за Панама документите, на Германците им е симптоматично дека Сноуден одлучил да објави документи исклучиво за работењето на американска НСА, германското надворешно разузнавање, БНД, и британската тајна служба, а немало ништо за Русија или Кина.

"Објавувањето на документите на тајните служби е обид да се создаде раскол меѓу западна Европа и САД - најголем од крајот на Втората светска војна," објаснува во интервју за Фокус првиот човек на германското домашно разузнавање, Ханс-Георг Маасен.

Објавените документи и направија сериозен проблем на БНД, чии претставници одговараа пред парламентарна комисија за работата на НСА во Германија, и соработката на БНД со американските шпиони. За време на истрагата беше хакнат и мобилниот телефон на првиот човек на комисијата.

Во 2015-та се потврди дека БНД шпионирала компании, бизнисмени, и политички лидери во Германија и ЕУ, за сметка на американското разузнавање.

Благодарејќи на документите и истрагите по нив, Маасен објаснува дека моментално поголем дел од неговите луѓе се ангажирани на собирање документи за излагање пред парламентарните комисии, отколку што се ангажирани "околу исламскиот тероризам."

19 април 2016 - 09:49