Треба ли да се навива против Путин во Сирија?

Рускиот упад во Сирија за руските медиуми беше херојски обид за спасување на цивилизираниот свет од ИСИС, за американските медиуми истото ова беше протолкувано како непотребно руско заглибување во блато.

И покрај нескриената желба за неуспех на Путин (бидејќи спротивното би значело сериозна геостратешка промена), американската дилема е дали и поразот на Русија би бил во нивна корист.

Процената на Атлантик е дека Русија се има впуштено во непознато, по основа на тоа дека ова е прва нивна интервенција по крајот на Студената војна (вон СССР) и второ, тие до сега немаат никакво искуство во координирање на воените операции со Сирија, Иран и Хезболах. На сето ова само дополнителен товар е што "Путин целиот свој успех го базира на соработка со крајно некомпетентен диктатор."

"Со други зборови не е ништо чудно ако војната на Путин не успее. Меѓутоа дали тој ќе направи компромис и ќе го напушти својот сојузник? Ако рускиот претседател рационално одлучува, тој треба да ги прекине своите загуби. Сепак, Путин може и да не дејствува рационално. Кога истражував за мојата книга за воени катастрофи, The Right Way to Lose a War, бев запрепастен од тоа колку се лоши владите во справување со порази на војното поле. Од САД во Виетнам до СССР во Авганистан, на пораз лидерите одговараат со катастрофални одлуки кои само ги влошуваат нивните проблеми. Наместо ладнокрвно да бараат начин за излегување од проблемите, тие разгневено реагираат на своите порази.

Дел од проблемот е она што психолозите го нарекуваат 'аверзија од пораз.' Поразот боли двапати повеќе отколку што победата остава добро чувство - без разлика дали е тенис или војна. Идејата да се прифати дури и најмал пораз изгледа неподнослива, и луѓето се на искушение да ризикуваат уште поголеми загуби за да имаат шанса за победа. Коцкар што ќе изгуби 20 долари во казино не си заминува, тој го дуплира влогот. Во иста смисла, кога претседател ќе изгуби 1.000 војници во Виетнам тој не става крај на војната; туку испраќа милиони Американци во калта.

Тешко е да се замисли Путин да прифати пораз. Тој култивираше имиџ на татко на рускиот народ, кој ја обновува државата како светска сила. Ако Асад падне, Русија може да ја загуби единствената своја воена инсталација вон поранешниот СССР - морнаричката база во Тартус, Сирија...

... И Путин веќе ја најави можноста за дополнителна воена ескалација, велејќи дека Русија во Сирија не користи 'ни приближно се' што има на располагање'...

Кое е решението? Ако Русија е поразена тоа може да започне опасна ескалација, ова пак не значи дека се преферира руска победа. Сепак, ако Асад некако заземе победничка позиција, зошто тогаш тој би преговарал за компромисен мир кој ги признава интересите на сите групи во Сирија. Наместо тоа, оптималната шанса за мировен договор може да биде ситуација во која Путин верува дека не е можна одлучна победа, ама тој сепак да може да ја спаси својата репутација спинувајќи го крајниот исход како негова победа. Со други зборови на него му е потреба приказна која ќе може да им ја раскаже на Русите за позитивните резултати од мисијата. Наративот не мора да биде точен, но мора да има одредена вистинитост, или привидна уверливост. И за да го извадат Путин од Сирија, САД може ќе треба да се смират малку и да престанат да трубат за можен голем руски дебакл. Во 1989-та, по падот на Берлинскиот ѕид, претседателот на САД, Џорџ Буш постариот, намерно одби новонастанатата ситуација да ја прогласи за победа - со цел да го избегне комплицирањето на животот на советскиот премиер Михаил Горбачов.

На Путин му треба победнички говор. А Вашингтон можеби ќе треба да му помогне да го напише," пишува Домник Тиерне во текстот за Атлантик.