Се пикате па Цацко ви е крив

Градоначалничката на Келн предизвика лавина гневни реакции на жените од градот заради нејзините совети како можат да се заштитат за да не им се случи она што им се случи на Нова Година a ја шокираше цела Германија.

"Секогаш постои можност да ја држите 'дистанцата од една рака' -  да гледате да не изгледате премногу присно со луѓе кои не ги познавате и со кои немате изградено доверба", одговори Хенриета Рекер на прашање што жените во Келн можат да направат за да се заштитат себеси.  Тоа се нејзините први јавни коментари по новогодишната ноќ во која околу 90 жени беа сексуално малтретирани и ограбени на улиците на Келн.

Според полициските извештаи, таа ноќ на Железничката станица се собрале околу 1.000 лица, главно од Северна Африка и арапскиот свет, а по некое време помали групи се одвоиле од толпата и почнале да бештијаат по улици, опколувајќи и малтретирајќи жени. Ноќта биле поднесени 106 пријави од кои две третини со сексуална конотација.

Властите сметаат дека нападите веројатно се поврзани со еден криминален круг лоциран во близината на Дизелдорф на кој ова им е акција со потпис: да опколат и да почнат да ја дрпаат жената за полесно да ја опљачкаат. Од 2014 уапсени биле најмалку 2.000 лица со северноафриканско потекло кои биле вклучени во вака организирани напади.

"Должината на раката" е одамна позната ставка во западниот бон-тон и подразбира дека е непристојно да му се приближуваш повеќе од тоа на човек со кој не си близок, бидејќи истото се смета за упад во неговата лична заштитена зона. Кој не го сфаќа тоа, па се пика некому во лице, може и ќотек да јаде.

Градоначалничката на Келн вели дека ова ќе биде само едно од правилата за заштита од најавениот кодекс на однесување за млади жени и девојки кој наскоро треба да биде достапен онлајн. Други сугестии од кодексот е да се избегнуваат контроверзни јавни настани, да се оди во група и да се побара помош од минувачи.

"Човече! Баш планирав да ја ограбам и малтретирам жената пред мене кога испадна дека таа е на должина од една рака оддалечена од мене!", се позаебава еден тамошен политичар со советите на градоначалничката а #einearmlänge (должина на една рака) стана трендинг хаштаг во Германија.

7 јануари 2016 - 11:01