САД да ја бојкотираат Олимпијадата во Русија

Како одговор на давањето азил на Сноуден, Обама треба да размисли за евентуално бојкотирање на Олимписките игри во Сочи 2014-та, предлагаат американските сенатори.

Планот кој во основа само би значел поголема шанса за Русите да освојат што е можно повеќе медали, го предлага сенаторот Линдзи Грам.

"Јас би им го испратил најнедвосмислениот сигнал што можам. Ова може да помогне, бидејќи она што тие го прават е нечуено. Ние секако сега ја немаме поставено нашата позиција со Русија на позитивен начин. На крајот од денот, ако тие му дадат азил на овој човек, тие го прекршуваат законот каков што ние го познаваме и тоа е шамар во лицето на САД," ја објаснува Грам својата позиција.

Иако и останатите сенатори бараат Обама да преземе нешто во случај Русија да му даде азил на Сноуден, тие се поприбрани околу своите идеи.

"Има многу работи што можеме да ги направиме, меѓутоа мислам дека последното искуство со бојкотирање на Олимпијадата и не беше толку добро," изјавил сенаторот Џон МекКејн.

На почетокот од 80-те години, прво САД ги бојкотираше летните Олимписки игри во Москва, заради инвазијата на Авганистан, за потоа во 1984-та, и ССР да одговори со иста мерка за Олимпијадата во Лос Анџелес.

18 јули 2013 - 10:28