Пријателката на Лавров со стан во Москва од 8 милиони евра

Светлана Полјакова е вработена во руското министерство за надворешни работи на позиција која никако не го оправдува нејзиното портфолио на луксузен имот и влијание што го има во министерството.

Светлана Полјакова

Полјакова од 2014 работи во министерството и според истражувањето на иСторис (Важнии истории) нејзиниот сегашен статус се должи на „долгорочна и многу блиска“ врска со првиот човек на руската дипломатија, Сергеј Лавров.

Наводно Полјакова е доволно моќна за а назначи неколку блиски пријатели на клучни позиции во министерството, а функционерите кои се противеле на ова биле присилени да си поднесат оставка. Пред дипломатската кариера, Полјакова заедно со Роман Садулин, поседува ресторан сместен во зградата на Академијата за дипломатија на руското министерство за надворешни работи. Денес, Садулин е функционер во министерството. Таа исто така ја вработува и вдовицата на својот покоен брат, која сега е дел од одделот за набавка и сервисирање на дипломатските мисии на Русија.

Во истрагата иСторис откриваат дека Лавров и Полјакова имале неколку заеднички авионски патувања, меѓу другото и во Сочи каде чиновничката на министерството за надворешни работи, поседува стан од 580.000 евра.

Зградата во Сочи

Сепак ова не е ни приближно најскапоцениот имот на Полјакова, која наводно има уште еден стан на една од најпрестижните и најскапите адреси во Москва, Пречистенка 13, кој иСторис го проценува на 8,1 милион евра.

Зградата на Пречистенка 13

Таа има и викендица во московскиот регион, во местото Палици, проценета на околу 660.000 евра.

Ќерката на Полјакова завршува факултет во Лондон и со тек на време станува британски граѓанин. Таа на 21 година успева да добие лизинг на 999 години на стан во лондонски Кенсингтон, проценет на 5,1 милиони евра.

Во возниот парк на Полјакова се водат две Поршеа и еден Мерцедес.

Наведувајќи едно видео во кое Полјакова заедно со Лавров и Путин прави обиколка на обновена катедрала на руската православна црква во Царско село, иСторис пишува:

„Треба да минеш низ многу проверки и одобрувања за да се најдеш веднаш до претседателот на вакви настани со ограничен број на учесници, а фактот дека Полјакова беше вклучени во ’елитната придружба’ зборува за нејзиниот специјален статус“.

15 септември 2021 - 12:03