Правдата е за ситната боранија

Во последните 20 години во САД никогаш помалку не се гонел корпоративниот криминал и другите апашки дејанија поврзани со финансиско работење.  

Процесирањето на криминалот поврзан то таканаречените бели крагни (администрација, менаџмент) оваа година е за 12 проценти помал од минатата а за 29 % помал од пред пет години. Сегашната стапка на процесирање вакви случаи е рекордна за последните 2 децении.

Се разбира, намалувањето на федералните обвиненија за овој тип кривични дела по автоматизам не значи дека и самиот таков криминал е смален. "Се работи за промена на фокусот на надлежните државни служби и институции", претпоставува еден истражувач од Универзитетот во Сиракуза.

Во голема мерка ваквата ситуација се должи на сè почестото прибегнување кон спогодби меѓу обвинителите и обвинетите. Пред 2003-та година Департментот за правда речиси никогаш не нудел спогодби за решавање на случаите. А меѓу 2007- ма и 2011-та, 44 проценти од предметите кои требало да завршат на суд биле решени спогодбено.

Во 2012-та Обама најави дека ќе го држи Вол Стрит на око заради финансиските дубари поврзани со економската криза. Но, откако донациите од финансискиот sектор ја преплавија неговата втора изборна кампања, Департментот за правда тивко се сврти кон доктрината кои некои ја нарекуваат "преголеми за да одат во затвор".

Пред две години јавниот обвинител на Обама, Ерик Холдер на Конгресмените им призна дека кога се работи за банките, некои од овие институции станале толку големи што станува претешко тие судски да се процесираат. Истовремено призна дека постои фактор на кочење кога се работи за банка чие процесирање би имало негативен ефект на националната економија.

Интересно е што двајцата клучни американски луѓе на оваа тема (обвинителот Холдер и првиот човек на Департментот за правда Лени Бројер), пред да ги заземат функциите имаат работено во фирмата Covington & Burling чија специјалност е одбрана на клиенти од светот на корпоративниот криминал. И двајцата, откако им завршија државните служби, се вратија на работа во истата фирма.  

Единствениот силен глас против корпоративниот криминал во актуелното политичко милје е оној на Берни Сандерс кој порачува дека "ако се преголеми за да бидат затворени, банките се преголеми и да постојат".

За него, ѕирнете ја статијата "Дали Америка е подготвена за демократијата наречена Берни Сандерс?"