Полска гледа да се изгребе нуклеарно оружје од Америка

Во целиот хаос што се случува, Полска пробува некако да искамчи некое парче нуклеарно оружје од САД за да го има ако војната меѓу Русија и Украина тргне во не дај Боже правец.

„Проблемот пред се е што немаме нуклеарно оружје. Секога има потенцијална можноста да учествуваме во нуклеарно споделување,“ изјавил полскиот претседател Анджеј Дуда.

Освен директна испорака на нуклеарни бомби, нуклеарно споделување опфаќа и размена на извиднички авиони за нуклеарна мисија или авиони со капацитет за носење нуклеарно оружје.

Полски аналитичари сметаат дека изјавата на Дуда може да опфаќа која било од овие активности, но и дека поставувањето на нуклеарно оружје во Полска е од безбедносен интерес и за регионот и за Европа.

Ваквото барање на Полска е спротивно на една од темелните одлуки на НАТО и САД, дека никогаш нема да испорачаат, ниту да распоредат нуклеарно оружје на екс-комунистички држави кои се приклучија кон Алијансата по падот на комунизмот.

За разлика од екс-комунистите, американски сојузници како Германија, Белгија, Холандија, Италија и Турција, веќе имаат американско нуклеарно оружје на свое тло.

За цело ова време снабдување на Украина со оружје САД посебно внимаваат да не и испорачаат оружје што има домет до внатрешноста на Русија, како не би ескалирале уште поголема војна.

Паралелно со ова, Полска разговара со неколку држави, вклучително и САД, околу производство на атомска енергија.

12 октомври 2022 - 10:24