Пентагон традиционално и годинава не успеа да направи ревизија

Независната годишна ревизија на Пентагон повторно пропадна откако луѓето во министерството за одбрана не им испорачале на ревизорите доволно документи за тие да можат да создадат целосна слика за нивното трошење.

Секоја година стотици независни ревизори ги прегледуваат сметководствените книги на Пентагон за да утврдат дали во нив се заведени сите пари што ги добива американската војска од буџетот и дали истите ги троши ефикасно.

Пентагон има посед во износ од 3,8 илјади милијарди долари и обврски во износ од 4 илјади милијарди долари.

Ревизијата може да заврши со еден од трите рејтинзи: неквалификувано мислење, квалификувано мислење и дисклејмер за мислење. Годинава процесот повторно заврши со дисклејмер за мислење што значи дека Пентагон не им дал на ревизорите доволно податоци.

„Од 29-те поединечни ревизии, седум добија немодификуани мислења, едно доби квалификувано мислење и 18 добија дисклејмери за мислење,“ објавуваат од Пентагон, објаснувајќи дека за останатите 3 компоненти се уште се чека мислење.

Од Пентагон објаснуваат дека не очекувале да добијат чисто мислење бидејќи и само една поголема компонента од министерството не добие чиста оценка сите други паѓаат.

Пентагон никогаш до сега нема успешно завршено годишна ревизија откако тие станаа задолжителни во 2018. Тој останува единственото министерство на американската администрација што никогаш немало чист финансиски извештај.

Пентагон од 1995 се наоѓа и на црната листа на ГАО (Government Accountability Office), на која се наведени федерални програми кои се посебно подложни на измама, злоупотреба, лошо менаџирање и вишок.

17 ноември 2023 - 11:07