Пентагон најде 3 милијарди долари од помошта за Украина што му се изгубиле

Како што и двете партии почнаа да вршат притисок врз Пентагон да се објасни како ќе продолжи да ја помага Украина без нов пакет од Конгресот, така Пентагон открил дека имаат некои си 3 милијарди долари што по грешка ги запишал како потрошени.

Претставници на Пентагон и Стејт департментот на членови на Конгресот им изјавија дека откриле сметководствена грешка по чие коригирање тие ќе имаат дополнителни пари за помагање на Украина.

Од Пентагон признаваат дека грешката ја откриле пред некои си два месеца.

Новооткриените 3 милијарди место пофалби и ловорики како што веројатно очекуваа од Пентагон, предизвикаа гнев кај конгресмените кои се извадени од памет што на Пентагон тек така може да му снема, па да му се појават милијарди долари.

Проблемот на конгресмените е и што овие пари можеле до сега да се искористат за помагање на Украина наместо да се кратат планираните пакети за помош.

Од администрацијата на Бајден објаснуваат дека разликата се должи на погрешна пресметка, бидејќи тие ја пресметувале цената на опремата и муницијата врз основа на тоа колку пари ќе чини таа да се замени со нова опрема, а не колку е нивната продажна вредност, која е пониска. Планот е вака апдејтуваната математика да се користи и за следните пратки, плус за оружјето што ќе му се испраќа на Тајван од постојните залихи на Пентагон.

Бајден има овластување да бира дали ќе испраќа оружје и муниција што веќе ги има во магацин или ќе чека месеци и години за производство и испраќање на ново оружје.

23 мај 2023 - 13:01