Пари за руски обврзници или нема или има

Официјално, Русија не стигна да ги плати парите по основа на долгорочни обврзници кои најдоцна требаа да бидат исплатени на 27 јуни. Официјално, ама од другата страна, пари има, ама вашите не даваат да ви ги платиме.

По неколку месеци наоѓање нови начини да ги исплати кредиторите, Западот конечно успеа да ги затне сите дупки што Русија ги користеше за да протне пари во странство, и таа официјално не го плати својот долг во износ од околу 100 милиони долари.

Ова е последен удар за финансискиот сектор на Русија, кој прво беше речиси целосно исклучен од глобалниот финансиски пазар, а девизните резерви во странство им беа (и уште им се) заробени.

Блумберг пишува дека имајќи ја предвид штетата што санкциите ја имаат врз руската економија и пазари, неисплаќањето на долговите за сега е само симболично, и не им менува многу на Русите кои се справуваат со двоцифрена инфлација.

На почетокот од април, странците имаа околу 20 милијарди долари во руски еврообврзници.

Последен пат кога Русија не успеала да го исплати својот долг кон странските кредитори е во 1918, кога Болшевиците предводени од Ленин се одрекоа од долговите на своите царски претходници (долг кој денес се проценува на илјадници милијарди долари).

Формалното прогласување на неможност за исплаќање (дифолт) го прават фирмите за рејтинг, меѓутоа заради европските санкции тие се повлекоа од рускиот пазар, па сега единствено инвеститори со над 25% од рускиот долг може да се согласат дека имало „случај на дифолт.“

Русија, на чекор од тоа да почне да брои пари пред камера да покаже дека ги има, порача дека таа е „присилена во неисплаќање“ и дека пари има. Минатата недела таа објави дека долгот ќе почне да го сервисира во рубљи, повторувајќи дека целата ситуација е вештачки создадена од Западот.

„Кој сака може што сака да прогласи. Ама секој кој разбира што се случува знае дека ова на никој начин не е неисплаќање на долгот,“ изјави рускиот министер за финансии, Антон Силуванов.

Како што низ светот се случуваше исклучувањето и блокирањето на рускиот финансиски систем, така Путин воведе нов закон според кој долговите на Русија за обврзници во странска валута се сметаат за исплатени кого соодветната сума ќе биде префрлена кај локалната финансиска институција, ама во рубљи.

Руското министерство за финансии во својата последна транша, во четвртокот и петокот, по оваа основа префрли околу 400 милиони долари во рубљи. Проблем е што ниту една од спорните обврзници не предвидува опција за подмирување на долговите во локална валута.

За сега не е јасно дали кредиторите ќе ја искористат алатката што им понуди руската влада.

Што се однесува на опцијата на запленување руски дипломатски имот, Силуванов порачал:

„Ако дојдеме до точка во која ни е запленет дипломатски имот, тогаш тоа е еднакво на пресекување на сите дипломатски врски и влегување во директен конфликт.

И тоа би нè довело до сосема нов свет со целосно различни правила. Во тој случај ќе треба поинаку да реагираме, и не преку легални канали.“