НСА ќе престанува со прислушување на телефоните на Американците

Мерката воведена пред речиси две децении веќе не им врши работа на американските разузнавачи, посебно откако сфатија дека телефон за зборување денес користат само тетки, анкетари и наплатувачи на кредити.

Вол стрит журнал пишува дека користа од прислушувањето на американските телефонски разговори и пораки веќе е помала од техничкиот и правен товар на операцијата.

Програмата започнува по нападите од 11-ти септември, и од тогаш таа собира милијарди телефонски записи на ден, по основа лов на луѓе поврзани со тероризам.

Уште на почетокот од годинава, републиканскиот конгресен советник за национална безбедност, Лук Мареј, открива дека заради почитување на законите и заради технички проблеми, НСА претходните 6 месеци воопшто не го користи системот за следење. Позицијата на Мареј тогаш беше дека повеќе не ни има потреба од програмата, штом толку време не се користи. Сега на сличен памет се и други функционери од американското разузнавање.

Краен збор во одлучувањето ќе има Белата куќа, која се уште се нема донесено одлука дали ќе турка за обновување или затворање на програмата.

27 април 2019 - 17:55