Нафтените профитери треба да ја платат обновата на Украина

Најголемите глобални енергетски компании кои го собраа кајмакот од блесавите цени на енергенсите последнава година треба дел од тој профит да го инвестираат во обновата на Украина, порача украинскиот министер за енергетика Герман Галушченко.

„Голем број енергетски компании добија огромен неочекуван профит заради војната. Ние проценивме дека вредноста на тоа е над 200 милијарди долари.

Тие ги земаат овие пари затоа што ние се бориме, заради војната.

Мислам дека е фер овие пари да се поделат со Украина. За да се помогне обновувањето на енергетскиот сектор,“ изјавил Галушченко.

Сумата од 200 милијарди долари е често споменувана како вкупниот профит на петте најголеми компании (БП, Шеврон, Ексон, Тотал и Шел). Киевската школа за економија штетата врз украинската инфраструктура ја проценува на некои си 140 милијарди долари.

Како пример Галушченко ја навел литванската Игнитис груп која ветила дека околу 10% од својот профит ќе го даде за обновување на Украина.

Министерот порачал дека ако Западот сака да спречи „бескрајна војна“ тогаш треба да ги затвори сите дупки во санкциите кои и дозволуваат на Русија да продолжи да извезува нафта и гас, дополнувајќи дека сите тие пари чинат украински животи.

3 април 2023 - 11:57