Москва нареди 4-месечен карантин за невакцинираните

Откако неделава се забави стапката на вакцинирање во градот, а бројот на заразени од ковид-19 скокна, во руската престолнина воведен е масовен карантин за сите над 60 години што не примиле вакцина и за „лица што страдаат од хронични болести“. Карантинот ќе трае до крајот на февруари.

Освен карантинот за возрасните, Путин прогласи неработна платена недела од 30 октомври до 7 ноември во цела Русија, во обид да се спречи најновиот бран на пандемијата.

Во изминатите неколку денови, Русија имаше најголем број на смртни случаи од корона во светот, кои во средата изнесуваа 1.028 починати.

За ваквите бројки експертите ја обвинуваат слабата вакцинација и неуспешната кампања на владата да ги убеди своите граѓани дека им е потребна вакцина.

До сега само 30% од населението се целосно вакцинирани, и покрај тоа што во земјата се достапни четири домашни вакцини. Во исто време Русија има една од највисоките стапки на скептичност кон вакцините во светот. Истражување на Ипсос од мај годинава покажа дека намерата за вакцинирање меѓу невакцинираните е најниска во Русија (41%) и во САД (46%).

Дополнителен страв е дека официјалните бројки за смртност од пандемијата и не се баш точни, и веројатно се повисоки.

„Лице што ќе почине од респираторни проблеми од ковид, често пати во статистиките влегува како лице кои починало од респираторни проблеми, но не и од ковид,“ објаснува поранешниот советник на СЗО, Василиј Власов.

Проблемот со ковид отворено почнаа да го признаваат и властите, па на средбата со премиерот на Русија, гувернерите се жалат дека и покрај подготовките не можат да го постигнат да ги покријат сите случаи.

„Најстрашната бројка е дека имавме подготвени 1.845 кревети, денес повеќе нема ниту еден слободен кревет,“ изјавил гувернерот на Орловската област, Андреј Кличков.

21 октомври 2021 - 10:15