МОК: Не се замараме со тестостерон кај транс-жени

Меѓународниот олимписки комитет повеќе нема да бара од трансродовите жени да го намалат своето ниво на тестостерон за да се натпреваруваат на Олимпијадата во женска категорија, стои во новите препораки објавени од организацијата.

Препораките, кои треба да ги заменат оние од 2015, по ново заклучуваат и дека не треба да се претпоставува дека транс-жените спортистки имаат автоматска предност пред биолошките жени.

За целосно да си ги исчисти рацете и да не одговара пред никого, МОК сега целата одговорност ја префрла на федерациите на секој од олимписките спортови тие сами да одлучат дали ќе бараат од транс-жените да го намалуваат нивото на тестостерон или не.

МОК наведува дека ваквите одлуки треба да бидат донесени на издржана научна основа „која ќе демонстрира конзистентна, нефер и несоодветна компетитивна предност и / или ризик за безбедноста на спортистите кој не би можел да се спречи“.

Досегашниот услов од МОК беше транс-жените да го потиснат своето ниво на тестостерон под 10 н/мол на литар, во период од најмалку 12 месеци.

Новите препораки ќе важат по Зимската Олимпијада во Пекинг во 2022.

„Важно е што МОК одлучи во корист на транс и интерсекс спортистите, меѓутоа сметам дека делот 5 и 6 од рамковниот предлог се проблематични. Трансродовите жени во просек со повисоки, поголеми и посилни од биолошките жени и тоа е предност во голем број спортови.

Исто така неразумно е да се побара од спортските федерации да спроведат робусно и рецензирано истражување пред да воведат рестрикции на транс-спортистите во елитните спортови. Такви истражувања ќе траат со години, ако не и децении,“ објаснува Џоана Харпер од Лоубороу Универзитетот, која работи на перформансите на трансродовите спортисти.

18 ноември 2021 - 09:21