Медведев му посака харакири на јапонскиот премиер

По средбата меѓу јапонскиот премиер и американскиот претседател во Вашингтон беше испратено предупредување до Русија да не помислува да користи нуклеарно оружје во Украина. Повратната порака од Москва дојде од Медведев кој мисли дека Јапонецот се обрукал и му предлага решение. 

Поранешниот руски претседател му порача на јапонскиот премиер Фумио Кишида да си направи „харикири“, ритуалното јапонско самоубиство со вадење на цревата. Тој смета дека јапонскиот премиер само така може да си го испере срамот, откако во заедничко соопштение со Бајден, Кишида изјави:

„Недвосмислено сметаме дека секоја употреба на нуклеарно оружје од страна на Русија во Украина ќе биде чин на непријателство против човештвото и неоправдано“. 

Медведев, актуелен заменик претседател на рускиот Совет за безбедност, ја нарече срамна изјавата, ја оцени како параноична, и потсети дека досега, единствено САД имаат користено нуклеарно оружје и тоа токму против Јапонија. Тој смета дека Кишида покажал сервилност кон Американците и дека се посрамотил заборавајќи на стотиците илјади жртви во Хирошима и Нагасаки. 

Во остатокот од соопштението, Кишида и Бајден повторија дека цврсто се противат на неоправданата и брутална војна во Украина, додавајќи дека Јапонија и САД ќе продолжат со санкциите кон Москва и со непоколебливата поддршка за Киев. 

17 јануари 2023 - 15:44