Киев нема уште многу извори за финансирање на војната

Откако им стана јасно дека е сосема можно да секнат западните пари и помош кои го одржуваат функционирањето на украинската држава, украинските политичари разгледуваат начини како да соберат пари за финансирање на ослободувањето на земјата. Главно сè со што располагаат е непопуларно.

Една од опциите е да се зголемат даноците, што е проблем за економија во нормално време, а не пак за разрушена економија која е речиси две години во војна. Друга опција е девалвирање на украинската валута, што отвора сосема друг пакет проблеми за економијата.

Зеленски е во Вашингтон за да ги убеди републиканците да го поддржат пакетот од 60 милијарди долари помош за Украина, и убедувањето не му оди баш најдобро. Во меѓувреме пакетот на ЕУ од 50 милијарди евра е блокиран од унгарскиот премиер Виктор Орбан, како дел од поголема борба околу ЕУ буџетот.

До сега планот на Киев беше да го покрие буџетскиот дефицит кој е околу 20% од БДП-то, главно со повеќе од 40 милијарди долари надворешно финансирање што требаше да биде обезбедено за следната година. Украинскиот министер за финансии минатата месец изјави дека две третини од овие пари се уште не се потврдени.

„Ако минусот странска помош стане поголем од неколку милијарди долари, властите ќе имаат само непријатни опции од кои ќе можат да избираат,“ изјавува главниот економист на инвестициската банка Драгон капитал, Олена Билан.

Министерството за финансии ја притиска централната банка да ја девалвира гривната, со што ќе се зголемат буџетските приходи од извори како царински давачки.

Другата опција е печатење пари. Само минатата година централната банка пушти речиси 400 милијарди гривни преку откуп на државни обврзници главно во првите месеци од војната. Ова е непопуларен избор за банката бидејќи ја доведува во прашање нејзината стабилност, а и земјата е ограничена од ММФ со количината нови пари што може да ги пушти во оптек.

Киел институтот за светска економија кој води есап за украинската помош од почетокот на војната објавува дека новата помош за Украина во периодот од август до октомври е падната за 90% во споредба со истиот период лани.

13 декември 2023 - 15:23