Кинезите фаќаат сеир за Трамп:

Како демократијата, морони?

Кинеската државна пропаганда со нескриено задоволство ги следи случувањата околу претседателските избори во САД и со сласт го мези сето она што Доналд Трамп му го прави на системот и досега вообичаените стандарди на политичката битка.

The Global Times е весник во сопственост на државата и еден од своите последни едиторијали го посвети на фарсата околу изборите за кандидати за претседателската функција. Преџвакано, 500 зборови од уредничкиот коментар на весникот можат да се сведат на прашањето: "Како сега ви функционира демократијата, идиоти?", заклучува Gawker.

Кинезите констатираат дека тепачките се својствени за изборните циклуси во демократиите од земјите во развој меѓутоа сега тоа им се случува и на САД, која се гордееше со својот најзрел и најизграден изборен систем.

"Тука им се појавува Трамп. Бучен анти-традиционалист, агресивно директен, тој е перфектен популист кој лесно знае да ја пали публиката. Наспроти сите силни ветувања на кандидатите, на Американците им е јасно дека изборите не можат да ги сменат нивните животи. Па затоа, зошто да не го поддржат Трамп, макар само за да си го испуштат вентилот?," сеири кинескиот Глобал Тајмс.

Уредничкиот коментар 'великодушно' признава дека демократијата понекогаш знае да има и добри страни но потсетува и на нејзините најлоши плодови, како што се Мусолини и Хитлер кои на власт дојдоа на демократски и регуларни избори.

"На Америка сега ѝ е попаметно да припази на себе за да не стане деструктивна сила за светскиот мир, повеќе отколку да вперува прсти во други земји и да ги обвинува за наводен национализам и тиранија", порачува Глобал Тајмс.

16 март 2016 - 17:07