Јавниот непријател на мафијата

Кога минатиот петок се врати во Рим, обвинителот Никола Гратери дозна дека се подготвува атентат на него. Само неколку денови претходно, во сосема друг случај, Гратери разбра дека мафијата купила 13 кг. пластичен експлозив наменет за него.

Директен противник на Гратери е 'Ндрангета, најмоќната и најбогатата италијанска мафијашка организација, која според аналитичарите е подготвена да го "реши" обвинителот, дури и по цена за тоа да треба да трпи силна акција на државата.

Самиот Гратери има ангажирано 15 телохранители и постојано ја менува својата локација.

"Си легнувам во 22 часот и станувам околу 2.30 наутро. Ова ми е омилен период од денот, тивко е и никој не ми досаѓа. Тогаш го завршувам најважниот дел од работата, до кај 6 / 7 наутро. Остатокот од денот гледам да не бидам убиен," објаснува Гратери.

До сега Гратери успеал да уапси повеќе членови на 'Ндрангета отколку кој било друг италијански обвинител. Во последната акција беа уапсени 34 лица, и беше откриена нова меѓународна рута за шверц на дрогата.

Во 2005-та, беше снимен разговор меѓу босот на 'Ндрангета и неговиот зет, во кој се открива омразата на мафијата кон овој обвинител.

"Мора ли и обезбедувањето да го кренеме во воздух," прашал зетот.

"Mора," одговорил босот.

"Ама зошто да биде толку крваво," препрашал зетот.

"Затоа што тој не уништи, тој е катастрофа за нас," порачал босот.

Подоцна, босот беше уапсен.

Гратери е познат и кај мафијашите надвор од Италија. На сослушувањето, колумбискиот нарко-бос Славаторе Манкузо, кој во 2008-ма беше испорачан во САД, признал дека сакал да се сретне со Гратери, за да види "кој (на времето) бил доволно луд да се обиде да почне истрага против него."

"Бев во центарот на Богота, со огромно обезбедување околу мене. Ама не знаев дека сите блиндирани автомобили околу мене му припаѓале на Манкузо. Тој ми рече дека го обезбедувале 600 луѓе. Можеш ли да замислиш колку пари имал тој," раскажува Гратери.

Главно нешто на што му забележуваат на Гратери е песимизмот кој тој го има во борбата против мафијата. Заради ова тој се има скарано со Ензо Киконте, еден од најголемите светски експерти за 'Ндрангета, кој повеќе не збори со Гратери.

"Пред неколку години го викнав да зборува во Универзитетот во Калабрија, каде што предавам. Тој на стотици студенти, полни со надеж за својата иднина, им рече дека војната против 'Ндрангета не може да се добие. Тој буквално им рече, дека без разлика што и да направиме, ние никогаш нема да ги победиме," објаснува Киконте.

Одбраната на Гратери е дека тој е реалист.

"Без разлика колку истраги ќе спроведеме низ светот, ние откриваме помалку од 10% од кокаинот што пристигнува во Европа. 'Ндрангета има многу членови, силни, паметни и решителни луѓе. Тајноста е нивното мото, уште поважно, тие немаат кум кој ги води сите, што значи дека ниту едно апсење нема да биде вистинска закана за организацијата," порачува Гратери.

 

14 јуни 2012 - 16:00