Г20 се откажа само од откажување од јагленот

Групата 20 најбогати држави на светот на минимум ги снижи своите амбиции за откажување од јагленот и наместо тоа си дадоа рака за еден далеку понеамбициозен план кој само ќе им забрани на владите да финансираат странски електрани што работат на јаглен.

Претходниот еко-оптимизам на владите беше замрачен од постојната енергетска криза, па неколку влади одлучија да се спротивстават на таргетите за намалување на користењето на јаглен. Британија и Италија кои силно притискаат за климатската агенда на глобално ниво, се надеваа дека и дома и во странство ќе обезбедат поддршка за укинувањето на јагленот до конференцијата за климатски промени на ОН, КОП26, која треба да се одржи месецов.

Пред КОП26 се среќаваат членките на Г20, меѓу кои се и некои од најголемите загадувачи на светот, кои треба да ги постават основите за КОП самитот кој треба да се одржи во Глазгов. КОП26 се смета за клучна конференција за глобалното затоплување.

Минатата недела подготвителните состаноци на Г20 завршија без консензус околу нето нула загадувањето и ограничувањето на глобалното затоплување од 1,5 степени Целзиусови. На средбата дури имало и одредено повлекување на ветувањата што биле дадени летово.

Енергетската криза која моментално се случува во Европа и Азија ја разниша решителноста на добар дел од државите околу потпирањето на зелена енергија и откажување од фосилните горива. Кина веќе им нареди на рудниците да почнат да вадат колку можат јаглен; Индија бара поголемо производство на нафта, а дури и Британија користи повеќе енергија добиена од јаглен. Во меѓувреме Бајден изјави дека е блокиран од Конгресот за да направи нешто повеќе околу амбициозните ветувања за зелена енергија.

Процената е дека ако Г20 не можат да се договорат околу основните на загадувањето и климатските промени, тогаш тоа ќе биде неспоредливо потешко да се постигне на КОП26 самитот на Обединетите нации.

22 октомври 2021 - 11:08