Буџетот на Обама за 2016-та

За следната година САД да функционираат како што доликува Обама побара буџет од 4.000 милијарди долари.

Во пресметката на Обама влегуваат 478 милијарди долари за јавни работи и поправки на патната инфраструктура во земјата (автопати, мостови и јавен превоз).

За Пентагон се предвидени 534 милијарди долари (и овие пари треба да се зголемат до 570 во 2020-та). Од сумата околу 5,3 милијарди се за борба против ИСИС. НАСА за да продолжи со работа ќе добие 18,5 милијарди долари за 2016-та (за споредба, од парите на Пентагон 10,6 милијарди се предвидени за купување на 57 Ф-35 воени авиони од Локхид Мартин).

Во изминатите 50 години буџетот во просек изнесува околу 20% од БДП-то, предлогот за 2016-та, е 21,7% БДП. Во нивна одбрана тие очекуваат и поголеми приходи годинава, 19,3% од БДП, наспроти 50-годишниот просек од 17,4%.

Најголемите приходи во буџетот доаѓаат од персоналниот данок на приход (1.646 милијарди), на второ се давачките за социјално (801 милијарда), а на трето корпоративниот данок на приход (473 милијарди). Наспроти нив најголеми расходи се за социјално (938 милијарди), тековни трошоци (662 милијарди), одбрана (Пентагон + други, 605 милијарди)

Обама планира да го крене данокот на капитални добивки (данок на богатство) од 23,8 на 28%. Со овие промени во буџетот ќе влезат 208 милијарди долари во следните 10 години. Од дополнителните даноци е и минимумот од 19% на идна заработувачка во странство, со што би се опфатил профитот што американските компании го прават надвор од САД. Исто така најавен е и еднократен данок од 14% на околу 2.000 милијарди долари профит на офшор сметки од американските компании. (Ова во следните 5 години треба да донесе 248 милијарди долари кои ќе бидат користени за поправка на патната инфраструктура.)

Моментално јавниот долг на САД е 13.000 милијарди долари или речиси 75% од БДП-то.

Еве го целиот предлог буџет:

Fiscal Year 2016 Budget

3 февруари 2015 - 10:40