Блумберг за свои пари глуми Претседател на САД

Кампањата на милијардерот купи прајмтајм слот за реклами, за Блумберг да може да глуми претседател на земјата во време на криза, конкретно епидемија на коронавирус.

За рекламата која оди на Си-би-ес и Ен-би-си околу 20:30 во неделата, е платено некаде меѓу 1,25 и 3 милиони долари само за емитување (снимање и други трошоци се башка).

Парите се сериозни, ама делумно се оправдани со траењето на видеото на Блумберг кој цели 3 минути си игра претседател во вонредна состојба.

Во клипот тој претседателски ги смирува граѓаните и ги објаснува своите следни чекори за справување со кризата, посебно нагласувајќи ја својата смиреност и експертиза (наспроти сегашниот жител на Белата куќа).

Блумберг до сега потроши блесава сума на сопствената кампања за добивање на претседателска кандидатура од демократите, и веќе ја надмина границата од 600 милиони долари. На овие пари, негов главен успех во досегашната кампања е што ги обедини сите демократски кандидати против себе.