Американските пријатели му вртат грб на Нетанјаху

Говорот на лидерот на сенатското мнозинство се оценува како пресвртен во односот на САД кон Нетанјаху. Пораките доаѓаат од човек од кој ретко кој бил повеќе про-Израел а една од нив е дека цивилите во Газа не заслужуваат да страдаат заради гревовите на Хамас. Политички уште поважна е пораката дека оваа влада на Нетанјаху, веќе не му врши работа на Израел. 

Помеѓу американските либерали и умерени кои го поддржуваат правото на Израел да постои како еврејска татковина, нападите на Хамас од седми октомври и војната што следуваше во Газа предизвика гнев, агонија и потреба од евалуација на состојбата.

Оваа изборна група, голема во Демократската партија и меѓу американските Евреи, е растргната од конкурентни морални обврски: оправдан бес поради масакрот на невините од страна на Хамас; инсистирање дека Израел има право да се брани; алармирање за смртта на десетици илјади палестински цивили додека војната се одолговлекува; убеденост дека мирот ќе бара спогодба заснована на две држави за Израелците и Палестинците.

Во основата на сите овие грижи е огорченоста од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој е роб на екстремно десничарските коалициски партнери во неговата влада и чија политика ги отуѓува долгогодишните пријатели на Израел.

За тоа се одважи да зборува важна фигура, лидерот на мнозинството во Сенатот, Чарлс Шумер, кој истовремено со страст зборуваше за љубовта кон Израел („Таа е во нашите коски“) но порача и дека „цивилите во Газа не заслужуваат да страдаат заради гревовите на Хамас“.

Уште поважна беше неговата проценка за улогата на Нетанјаху:

Коалицијата Нетанјаху повеќе не одговара на потребите на Израел после седми октомври. Светот радикално се промени оттогаш, а израелскиот народ е задушен токму од владејачката визија која е заглавена во минатото“.

Шумер повика на нови избори како „единствен начин да се овозможи здрав и отворен процес за донесување одлуки за иднината“.

Либералниот израелски весник Хаарец овој говор го оцени како пресвртен момент бидејќи тешко е да се најде некој кој бил повеќе про-израелски како Шумер во неговата 43-годишна кариера во Конгресот. Тоа што тој се одвои од Нетанјаху толку остро и јавно зборува за длабоката промена во мислењето меѓу симпатизерите на Израел од почетокот на војната во Газа.

„Говорот на Чак Шумер е доказ дека Нетанјаху, еден по еден. ги губи најголемите поддржувачи на Израел во САД“, рече лидерот на израелската центристичка опозиција Јаир Лапид. „Уште полошо - тој го прави тоа намерно“.

Повикот за предвремени избори е во склад со анкетите во Израел кои покажуваат дека Нетанјаху не би бил изгласан доколку сега се одржат избори.

„Ние не одредуваме кого треба да избере Израел“, му рекол Шумер на колумнист на Вашингтон Пост. „Ние само бараме тие да добијат право на избор кога толку многу луѓе се вознемирени од насоката на сегашната влада“.

Заклучокот на Шумер тешко може да го игнорира Нетанјаху:

„Израел не може да преживее ако стане отпадник“.

20 март 2024 - 09:56