770.000 имиња избришани од гласачкиот список

И според официјални бројки на Изборната комисија потврдено е дека 770.000 илјади лица се избришани од список на гласачи откако во системот се воведени новите промени побарани од Владата. Ова Владата е - Владата на Велика Британија.

Со новата промена од британските гласачи се бара индивидуално да се регистрираат на списокот, а не како домаќинство како што беше до сега. Заради ова следува и бришењето на 770.000 илјади луѓе. Делумно благодарејќи и на оваа промена, вкупната бројка на луѓе на гласачкиот список е за 1,6 милиони помала отколку во 2012-та.

Аргументот на Владата е дека имињата кои се тргнати по прочистувањето на списокот не претставуваат вистински луѓе, туку се неважечки ставки - луѓе кои се отселиле, умреле или никогаш не ни постоеле.

Аргументот на опозиционите лабуристи е дека станува збор за избрзани промени на Владата, "кои се спротивни на советот од независната Изборна комисија, која предупреди дека тоа ќе резултира со бришење на илјадници луѓе од регистарот." Тие посебно го нагласуваат 40-процентниот пад во бројот на регистрирани гласачи на 16 и 17-годишна возраст. Нормално, ова го доживуваат и како обид на Конзервативците и Премиерот за местење на изборниот систем во сопствена корист.

Од Изборната комисија објаснуваат дека не е можно да се одреди бројот на реални гласачи кои со оваа одлука се избришани од списокот.

26 февруари 2016 - 09:50