Зошто дедо ти и баба ти спијат во студена спална

Спиењето само по себе е клучно за доброто здравје, ама сите бенефити можат дополнително да се зголемат кога би си легнувале во студена соба. И лето и зима.

Откритието е дека постудените спални влијаат позитивно на резервите од кафеаво сало (што од неодамна почна да се смета "добро сало"), што последователно ја менува потрошувачката на енергија и метаболизмот, дури и за време на денот. Кафеавото сало е важно, затоа што за разлика од белото, тоа е метаболички активно.

Во експериментот на американскиот Национален институт за здравје, пет здрави мажи 4 месеци спиеле во соби со контролирана температура. Тие го терале денот регуларно, само во 20 часот требало да се пријават во болница за легнување. Ним им била контролирана и исхраната за да се осигура константен внес на калории.

Во првиот месец, собите биле држени на неутрална температура од 23,9 Целзиусови степени, на која не се очекува некаква реакција од телото. Следниот месец нивните соби биле изладени на 18,9 степени, температура која истражувачите очекуваат дека ќе ја стимулира активноста на кафеавото сало, ама нема да предизвика тресење (кое почнува на пониски температури). Во третиот месец температурата е повторно крената на 23,9 степени, а во последниот испитаниците спиеле на 27,2 степена.

Резултатите се: најниската температура направила значителна промена на телото на испитаниците. Најзабележително било што по 4 недели спиење на 18,9 степени, тие речиси за 2 пати ги зголемиле своите резерви на кафеаво сало, а притоа се зголемила и нивната чувствителност на инсулин (колку е повисока оваа ставка толку помалку инсулин му е потребен на организмот за да го намали нивото на шеќерот во крвта).

Сето ова се резултати од здрави мажи и за краток временски период, меѓутоа истражувачите очекуваат дека со тек на време студените спални можат да го намалат ризикот од дијабетес и слични метаболички проблеми. Додека спиеле на ладно, мажите и во текот на денот трошеле малку повеќе калории отколку кога спиеле на топло. Сите бенефити од студените соби биле поништени по 4 недели спиење на 27 степени.

21 јули 2014 - 10:27