Сонот не простува

Луѓето сметаат дека можат да минат со по 5 до 6 часа сон, организмот знае дека му требаат од 7 до 8 часа спиење. Разликата нема да пројде сама од себе.

Срцето, белиот дроб, бубрезите, апетитот, метаболизмот, контролата на тежина, имунитетот, осетливоста на болка, времето за реакција, расположението и мозочните функции, се дел од системите и органите кои страдаат кога не спиеме доволно, тврдат експертите за спиење од Универзитет во Питсбург.

"Недостатокот на сон го зголемува и ризикот од депресија и зависности, посебно кај луѓе кои страдаат со посттрауматски стрес," објаснува професорката по психологија на Универзитетот во Питсбург, според која олеснително е што несоницата успешно се лечи со одржување на редовен распоред на спиење, избегнување на кофеин и дремење во доцните попладневни часови, и намалување на сите пречки во сонот како светло, бучава или миленичиња.

Неколку студии директно го поврзуваат недостатокот на сон со здебелувањето. Не само што лицата кои доцна легнуваат имаат повеќе време да јадат, пијат и грицкаат, туку кај нив се и пониски нивоата на хормонот лептин, кој му кажува на мозокот кога сме изеле доволно храна, додека во исто време повисоки се нивоата на грелин, кој го стимулира апетитот.

Пореметувањето на распоредот на сонот го забавува и метаболизмот, а погодена е и способноста на телото да обработува гликоза.

Меѓу другите истражувања за проблемите од недоволниот сон е студија од Јапонија која покажала дека ова ја зголемува опасноста од рак, а слични резултатите добиваа и истражувачите од Универзитетот во Кливленд. Од Универзитетот во Њујорк откриваат дека кај децата недостатокот на сон може да предизвика хормонални пореметувања.

"Сето ова се должи на тоа што за време на сонот телото произведува цитокини, кои помагаат во борба со инфекциите. Заради ова луѓето што кратко спијат се повеќе подложни на секојдневни инфекции како настинки и грип. Со недоволно спиење размислувањето се забавува, потешко е да се фокусираш и а посветиш внимание, а луѓето е поверојатно да донесат лоши одлуки или да превземат непотребни ризици," пишува Њујорк Тајмс.

18 јуни 2013 - 21:43